Македонија

Марта Кос со порака до Владата: Спроведете ги уставните измени за да продолжи европскиот пат

Марта Кос со порака до Владата: Спроведете ги уставните измени за да продолжи европскиот пат

Уставните измени остануваат клучниот услов за продолжување на пристапните преговори на Македонија со Европската Унија. Еврокомесарката за проширување Марта Кос порача дека Владата треба да ја исполни преземената обврска, нагласувајќи дека во моментов постои историска можност за проширување на Унијата.

„Тоа е мојот апел до Владата. Ве молам, направете го ова, спроведете ја вашата обврска и тогаш сум сигурна дека ќе можеме да продолжиме понатаму, во најдобар интерес и на вашите граѓани“, порача Кос.

Таа истакна дека ја разбира разочараноста на македонските граѓани од долгогодишниот застој во евроинтеграцискиот процес. Потсети дека земјата има кандидатски статус од 2005 година, но дека повеќе пречки го забавувале нејзиното приближување кон Унијата.

Според Кос, поддршката на граѓаните за европското членство останува значајна и претставува дополнителна обврска за политичките претставници да испорачаат конкретни резултати.

Еврокомесарката оцени дека проширувањето повторно е високо на европската агенда, особено по руската инвазија врз Украина во 2022 година. Како примери за напредок ги посочи Црна Гора и Албанија, нагласувајќи дека Унијата очекува нови резултати во пристапните процеси.

Кос порача дека европските институции можат да го забрзаат проширувањето, но само доколку и земјите кандидати ги исполнуваат своите обврски.

Покрај уставните измени, таа ја нагласи потребата од поефикасна борба против корупцијата, зајакнување на владеењето на правото и подобрување на функционирањето на демократските институции.

Во однос на Планот за раст, Кос ја вброи Македонија меѓу трите најуспешни земји во спроведувањето на предвидените реформи. Сепак, потсети дека европската финансиска поддршка е условена со исполнување на конкретни обврски.

Осврнувајќи се на билатералните спорови, еврокомесарката истакна дека тие не треба да го оптоваруваат процесот на пристапување, но призна дека интересите на одделни земји членки понекогаш стануваат дел од преговорите. Според неа, таквите прашања треба да се решаваат преку дијалог и добрососедски односи.

Кос ги посочи и конкретните придобивки што македонските граѓани можат да ги почувствуваат пред полноправното членство. Со приклучувањето кон европската платежна област СЕПА, според неа, земјата може да оствари заштеди од околу 60 милиони евра годишно преку пониски трошоци за финансиски трансфери.

Таа најави дека се водат и преговори за укинување на трошоците за роаминг меѓу Македонија и Европската Унија, изразувајќи надеж дека договор ќе биде постигнат во блиска иднина.

Дополнителни можности за домашните компании и институции се отвораат преку европските програми EU4Health и Digital Europe, додека младите продолжуваат да ги користат придобивките од „Еразмус плус“. Според Кос, од 2021 година биле поддржани близу 40.000 размени со учество на млади од Македонија.

Во завршната порака, еврокомесарката ги повика граѓаните да не ја губат надежта за европската иднина на земјата.

„Не престанувајте да верувате дека членството во ЕУ е можно. Можно е и прозорецот на можности е отворен сега“, порача Марта Кос.

Европската комисија и во извештајот за 2026 година потврдува дека Македонија остварила напредок во спроведувањето на реформската агенда, но дека уставните измени и натаму остануваат неопходен чекор за отворање на првиот преговарачки кластер

Ноќно студио

Најнова епизода

Дали системот реагира навреме? Ноќно студио со обвинителката Спасенка Андонова

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни