Во Сиднеј се случи масовно пукање во кое беа ранети околу 20 лица, соопшти австралиската полиција. Инцидентот се случил на прометна улица во најголемиот град во Австралија и предизвикал голема паника меѓу граѓаните.
Според првичните информации, напаѓачот вчера пукал кон случајни возила што минувале по улицата, меѓу кои имало и полициски автомобили. Се проценува дека испукал помеѓу 50 и 100 куршуми. Еден маж е во тешка состојба, а неколкумина се хоспитализирани. Поголемиот дел од жртвите се здобиле со полесни повреди од скршено стакло и парчиња метал.
Полицијата го уапсила осомничениот два часа по нападот, во еден стан во Сиднеј. Станува збор за маж во шеесеттите години, кој бил повреден при приведувањето и веднаш пренесен во болница под полициско обезбедување.
Австралија ретко се соочува со вакви насилни инциденти. Масовните пукања се многу ретки откако земјата во 1996 година воведе строги закони за оружје, по трагедијата во Порт Артур на Тасманија, кога вооружен маж уби 35 лица.