„Мекдоналдс“ објави послаб раст на продажбата во САД од очекуваното, што покажува дека ниту поагресивните промотивни понуди не успеале да привлечат купувачи кои се соочуваат со растечки трошоци за живот.
Помал раст од очекувањата
Најголемиот светски синџир за брза храна во првиот квартал остварил споредлив раст на продажбата во САД од 3,9 проценти, додека аналитичарите очекувале раст од 4,2 проценти.
По повеќегодишното зголемување на цените, синџирите за брза храна сè повеќе се потпираат на промотивни акции и поповолни менија за да ги задржат купувачите, кои ја намалуваат потрошувачката.
Извршниот директор Крис Кемпчински предупреди дека деловното опкружување и понатаму е „предизвикувачко“, иако компанијата ги надминала очекувањата на Волстрит во однос на приходите и добивката, што ја зголемило цената на акциите за околу три проценти во преттргувањето.
Слични трендови пријавиле и други американски синџири на ресторани, вклучувајќи ги Wingstop и Domino’s, предупредувајќи дека растот на цените на горивата, поврзан со војната во Иран, ја притиска потрошувачката на домаќинствата.
Помал промет, купувачите повнимателни
Аналитичарите наведуваат дека купувачите со пониски приходи стануваат сè повнимателни и почесто избираат поединечни производи наместо комплетни оброци.
Прометот во рестораните на „Мекдоналдс“ во текот на кварталот бил нерамномерен. Бројот на купувачи во јануари паднал за 1,3 проценти поради зимски бури, додека во февруари пораснал за 3,8 проценти благодарение на закрепнувањето на побарувачката, покажуваат податоците на компанијата Placer.ai.
Во март, бројот на купувачи повторно се намалил за 1,2 проценти, и покрај новите производи на менито.
За да привлече купувачи чувствителни на цените, „Мекдоналдс“ во април ја проширил својата платформа McValue со нови понуди во вредност од три до четири долари.
Глобални резултати
На глобално ниво, споредливата продажба пораснала за 3,8 проценти, малку под очекуваните 3,95 проценти, но сепак значително подобро од минатогодишниот пад од еден процент.
Вкупните приходи на компанијата достигнале 6,52 милијарди долари и ги надминале очекувањата на аналитичарите од 6,47 милијарди долари, додека приспособената добивка по акција изнесувала 2,83 долари, над очекуваните 2,74 долари.
