Меркел не успеала да го убеди Макрон? Датум за преговори под знак прашалник

Владини извори велат дека сега за сега е неизвесна одлуката за зелено светло за добивање датум за преговори. Комитетот на постојани претставници на ЕУ треба да се состане вечерва во Брисел да се види колку е подготвена Франција да ги почне преговорите со Северна Македонија. Се очекува претставниците на земјите членки да се изјаснат за последната драфт верзија подготвена од Финска која во моментов претседава со ЕУ.

Се дознава дека оваа драфт верзија предвидува зелено светло за почеток на преговорите, но тие почнуваат во првата половина од следната година. А во тој временски период да се работи на барањето од Франција, да се смени преговарачката политика нешто што според премиерот Заев преставува оправдано барање.

Владини извори од земјава велат дека Германија настојува РСМ да добие датум а во декември да започнат преговорите.

Синоќа во Елисејската палата се сретнаа германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон, но не се знае дали разговарале и за проширување на Унијата. Се дознава дека темите за кои разговарале се однесувале на Брегзит и интервенцијата на Турција во Сирија.

Премиерот Заев и натаму е оптимист и не сака ни да размислува дали ќе се добие датум.

Се очекува заклучоците да бидат појасни по утрешниот ден кога во Луксембург ќе започне средбата на Советот на министри. На 17 и 18 октомври се очекува да се донесат конечни одлуки дали Северна Македонија и Албанија ќе добијат датум за почеток на преговорите.

Извор: ТВ21