Професор од средното уметничко училиште СУГС „Лазар Личеноски“ во Скопје се соочува со истрага поради сомнение за сексуално вознемирување на ученичка, а Судот му изрече мерки на претпазливост додека трае постапката.
Од Основниот кривичен суд Скопје информираа дека судија на претходна постапка, постапувајќи по предлог на Основното јавно обвинителство Скопје, одредил неколку мерки против осомничениот професор. Тој е обврзан да ја предаде патната исправа, му е изречена забрана за вршење одредени работни активности поврзани со делото, како и забрана за приближување и контакт со оштетената.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, 52-годишниот наставник бил лишен од слобода на 9 март околу 17:30 часот од страна на полициски службеници од СВР Скопје.
Полицијата постапила по пријава дека во периодот од 25 февруари до 2 март тој вознемирувал 18-годишна ученичка и од неа барал да имаат сексуални односи.
Од МВР посочија дека по целосното расчистување и документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
Од Основното јавно обвинителство Скопје соопштија дека веднаш е поведена постапка и дека се преземаат активности за прибирање докази, додека осомничениот во меѓувреме е обезбеден со мерки на претпазливост.
