Ситуацијата на грчко – турската граница кај Еврос, мигрантското/ бегалското прашање, Договорот ЕУ- Турција, повеќегодишната финансиска рамка на унијата, како и новиот корона вирус биле темите за кои разговарале грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис и германската канцеларка Ангела Меркел на нивната вчерашна средба во Берлин во рамките на грчко- германскиот економски форум , јави дописничката на МИА од Атина.
Мицотакис, според информациите, детално ја информирал Меркел, за „организираниот, масовен обид за нелегален влез на европска територија на луѓе од турска страна што е во тек од 28 февруари“ и како што брифираат извори од Атина, ја истакнал директната и индиректна вмешаност на турските власти во создавањето и продолжувањето на овој обид за преминување на европските граници.
Грчкиот премиер, го споменал и објавеното видео на кое воено турско возило, за кое во Грција се коментира дека е финансирано од средства на ЕУ, се обидува да ја урне заштитната ограда на границата кај Еврос.
Според истите информации, Меркел рекла дека Договорот ЕУ – Турција од март 2016 не се однесува само на средствата што Анкара ги добива од Европа, туку и на почитување на обврските и рекла дека бегалското/ мигрантското прашање ја засега на целата ЕУ.
На средбата станало збор и за потребата да се подобри конкретниот договор, како на пример да има заеднички патроли со Фронтекст не само во грчката морска територија, туку и во турската, а враќањата од Грција во Турција на бегалци и мигранти да важи освен за островите и за останатите делови од земјата.
