Милошоски: Политичка криза по ветото – СДСМ: Блокадата од Бугарија не е во европски дух

Уште пред да биде потпишан ВМРО-ДПМНЕ предупреди дека Договорот за добрососедство со Бугарија е штетен а дополнителна грешка е тоа што и власта ги поткренаа очекувањата на граѓаните дека ќе бидеме членка на Европската унија. Ова за ТВ21 го истакна Антонио Милошоски претседател на собраниската Комисија за надворешни работи. Тој смета дека ова ќе предизвика политичка криза и затоа треба да биде формирана експертска влада, а најави и дека идната недела ќе поднесе интерпелација за вицепремиерот Димитров.

„Сметам дека беше направена грешка што се потпиша овој Договор и дополнителна грешка беше што кај јавноста се подигнаа нереално очекувањата за Европската унија. А денес се соочуваме со вето и тоа мислам дека ќе предизвика и политичка криза и голема разочараност кај граѓаните кои што 30 години беа уморени од Грција а сега во најава имаме сличен случај во следната деценија.“, вели Антонио Милошоски.

Од СДСМ велат дека ветото од Бугарија не е во духот ниту со добрососедските односи ниту со европските вредности.

„За македонскиот јазик и за македонскиот идентитет ниту имало ниту има ниту ќе има преговори. Ние ќе продолжиме и понатаму ќе продолжиме и со реформите ќе продолжиме и со борбата, ќе продолжиме да разговараме и да бараме решение со силата на аргументите. Ние сме за ЕУ нашиот пат е европскиот пат, нашата иднина е Европската унија.“, рече Јован Митревски.

За ставот на Алијанса за Албанците околу бугарската блокада побаравме изјава од Зијадин Села, но тој за утре најави прес конференција на која ќе го соопшти нивниот став.

Поранешниот евроамбасадор во земјава Ерван Фуере вели дека е неразумно Бугарија да го користи членството во Европската унија за да наметне сопствено толкување на историјата, а бугарското вето го оценува како неразумна и контрапродуктивна тактика.

„Тоа е контрапродуктивно бидејќи, овие активности ја поткопуваат политиката на проширување на Европската унија и одат целосно спротивно на принципите врз кои се засноваат принципите на европската интеграција и со кои Бугарија се согласи кога стана членка на Европската унија во 2007 година.“, рече Фуере.

Пред денешниот состанок на Советот на министрите шефицата на бугарската дипломатија Екатерина Захариева го повтори ставот за тоа дека не се подготвени да дадат зелено светло за стартот на преговорите на нашата земја. Република Северна Македонија ќе има место во Европската унија тогаш кога ќе биде подготвена. Во моментот Бугарија не смета дека земјата е подготвена изјави Захариева.

.

Извор: ТВ21