Заврши времето кога само етничката припадност беше услов за добивање работно место во јавниот сектор, а новиот закон за правична застапеност ќе гарантира вработувања исклучиво врз основа на знаење и квалитет, истакна министерот за јавна администрација, Горан Минчев, во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ.
Минчев појасни дека откако Уставниот суд го укина „Балансерот“ поради бројни злоупотреби и изигравање на етничкиот идентитет при вработувањето, Владата подготви ново законско решение. Текстот го изработија универзитетски професори и експерти по уставно право, а по позитивното мислење од Венецијанската комисија, предлог-законот влезе во собраниска процедура.
Сепак, министерот укажа дека процесот во моментов е заглавен во Собранието поради инаетот и блокадите на ДУИ, кои одбиваат да дадат поддршка преку Бадентеровото мнозинство.
„Законот овозможува уставно загарантирана правична застапеност, но не можам да разберам од кои причини е стопиран од ДУИ. Прашањето за правична застапеност мора да биде врз основа на знаење и квалитет. Додека сум јас министер, етничката припадност нема да има приоритет пред стручноста. Или сите ќе сфатиме дека ни треба квалитетна администрација, или нема да нè биде“, порача Минчев.
Тој презентираше и податоци според кои застапеноста на етничките заедници (како албанската, која се движи меѓу 21 и 23 проценти) била дури и повисока во периодите кога вработувањата се одвивале исклучиво преку јавни огласи и тестирања, отколку кога се користеше дигиталната алатка „Балансер“.
Новиот закон предвидува формирање посебно тело во рамки на Агенцијата за администрација, составено од министри и експерти, кое ќе го следи процесот и ќе спречи иидни манипулации.
„За граѓаните не е важно кој ги опслужува на шалтер и од која етничка заедница е, туку да добијат брза, квалитетна и професионална услуга. Паралелно со ова, интензивно работиме и на дигитализацијата преку системот за е-услуги, со цел документи да се вадат брзо и без чекање по шалтери“, заклучи Минчев.