Македонија

Минчев: ЗНАМ на следните парламентарни избори ќе настапи самостојно

Минчев: ЗНАМ на следните парламентарни избори ќе настапи самостојно

Движењето ЗНАМ – За наша Македонија најавува дека на следните парламентарни избори ќе настапи самостојно. Ставот го потврди министерот за јавна администрација и функционер на партијата, Горан Минчев, кој вели дека ЗНАМ е подготвено за избори, без оглед на тоа дали тие би биле редовни или предвремени.

Минчев, во гостувањето во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, посочи дека во партијата сметаат оти имаат стабилно гласачко тело, како и простор за дополнително зголемување на поддршката во општините.

„Според вистинските релевантни анкети, а не според оние лажни и нарачани анкети што одредени куќи ги пласираат во јавноста, ЗНАМ го одржува својот стабилен рејтинг и ние сме подготвени да излеземе на избори во секој момент“, изјави Минчев.

Тој додаде дека одлуката за тоа дали следните парламентарни избори ќе бидат предвремени или редовни е политичко прашање за кое, како што рече, ќе се разговара во рамки на владејачката коалиција.

„Во овој момент нашиот став е јасен – на следните парламентарни избори да настапиме самостојно“, рече Минчев.

Во однос на поддршката на локално ниво, Минчев се осврна и на претходните локални избори, посочувајќи дека излезноста била намалена за околу 170.000 гласачи. Според него, тоа претставува простор за партијата да допре до граѓани кои во претходниот период немале можност да гласаат за советнички листи на ЗНАМ.

Од ЗНАМ и претходно посочувале дека нивниот став е самостоен настап на следните парламентарни избори, независно од тоа дали изборите би биле редовни или предвремени.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Горан Минчев, министер за јавна администрација 24.09.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни