Минималната плата во Франција би можела да ја надмине границата од 1.500 евра нето месечно уште од 1 декември. Можноста за вакво зголемување ја најави францускиот министер за труд Жан-Пјер Фаранду, кој изрази поддршка за предлогот.
Во интервју за телевизијата ТФ1, Фаранду посочи дека одлуката би требало да биде донесена следната недела, доколку се планира новата сума да почне да се применува од почетокот на декември, пренесува „Фигаро“.
Минималната плата во Франција, позната како СМIC, во моментов изнесува 1.477,93 евра нето месечно. Со евентуалното зголемување над 1.500 евра, работниците би добивале околу 30 евра повеќе месечно.
Синдикатите, сепак, бараат значително поголемо покачување, односно зголемување на минималната плата за 100 до 150 евра.
Министерот најави и дека Владата сака во најкус можен рок да започне преговори за утврдување на минималните плати во различните економски гранки.
По неколкунеделните протести, синдикатите во понеделник треба да учествуваат на социјална конференција свикана од премиерот во седиштето на Владата, во Матињон.
Фаранду изјави дека разговорите со синдикатите и работодавачите ќе продолжат до недела, со цел да се постигне компромис за минималната плата, најниските примања по економски сектори и преговорите за платите во компаниите, пренесува Танјуг.