Министерот вели дека е недоразбирање, вработените во болница во Демир Хисар стапија во штрајк

Триесетина вработени со договор на дело во Психијатриската болница во Демир Хисар стапија во штрајк. Нивните барања се да се реши нивниот работен статус.

„Си ги бараме нашите права и ни беше ветено дека ќе се реши нашиот статус. Но се уште е под знак прашалник. За три дена остануваме на улица. Сите сме со договор на дело. Без придонеси, без ништо што Психијатриска болница работиме со таква установа, каде сите се за жал психички болни“, изјави Натка Велкова Велевска, вработена во психијатриска болница.

Се вчитува...

Велат дека договорите им се до 31 декември, но потоа нема да се вратат на работните места доколку не добијат решение за вработување.

„Работиме тука за 12.000 денари, ви кажаа и другите колеги во каква ситуација сме. Ние бараме пензиско и здравствено да се реши статусот. Во повеќе наврати сме се обратиле до директорката и таа може сака да ни помогне, но од горе нема никаков слух. Ние сите сме фамилијарни со деца, со фамилија и ние сакаме за Нова година и Божиќ како сите други да однесеме леб за тоа доаѓаме, по едно парче леб да однесеме дома“, изјави Злате Настовски, вработен во психијатриска болница.

Дел се вработени пред една година, но има и вработени кои работат повеќе од седум години.

„Работам од 2004 до 2007 година и сега сум од 2013 до денеска. Досега ни ветуваа, но ништо не е исполнето. Како волонтер доаѓам скоро три години.“, изјави Сотир Талевски, вработен во психијатриска болница.

Директорката на болницата Тања Лозановска во телефонски разговор за ТВ21 вели дека денеска била во Министерството за здравство каде се разгледувал проблемот.

„Се надевам дека со носење на новите изгласувања на новите буџети, ќе се средат работите односно, барањата кои јас ги испраќам до основачот за регулирање на нивниот работен однос мислам дека ќе бидат средени тие работи. Нивниот работен однос мора да биди дефинирани, бидејќи чистачите, хигиеничарите ни требаат и на 01.01 кој ќе чисти во одделенијата“, изјави Тања Лозановска, в.д директор на психијатриска болница.

 Министерот за здравство, Венко Филипче за ТВ21 вели дека проблемот денеска бил решен и дека се работи за недоразбирање. Сите на кои договорите им биле до декември, требало да испратат барање со кое ќе им се трансформирал работниот однос во договор на неопределено време.

РЕПОРТЕР: ЈОВИЦА ПАУНОСКИ

Извор: ТВ21