Македонија

Министерството за правда го објави! Погледнете го предлог законот за амнестија

Министерството за правда го објави! Погледнете го предлог законот за амнестија

В О В Е Д

I. ОЦЕНА НА СОСТОЈБИТЕ ВО ОБЛАСТА ШТО ТРЕБА ДА СЕ УРЕДИ СО ЗАКОНОТ И ПРИЧИНИТЕ ЗА ДОНЕСУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ

Иако основните правни принципи на законитост и правичност наложуваат спрема секој сторител на одредено кривично дело да се примени соодветна кривична санкција, сите современи кривични законодавства (од најстари времиња до денес) предвидуваат основи кои го исклучуваат правото на казнување на државата.

Откажувањето од државното право на казнување некогаш било привилегија на монарсите кои го изразувале суверенитетот на државата. СО појавата на парламентите и парламентарните системи, двојниот суверенитет меѓу граѓаните, претставени во парламентот, и шефот на државата како суверен, довел до развивање врз таквата практика на два општо прифатени института – амнестија и помилување.

Правото на простување (милост) на државата кон сторителите на казнени дела е познат во правните системи, како овластување на државата под услови пропишани со закон, против сторители на кривични дела да не се покренува казнено гонење или на веќе осудените лица казната да им биде простена или ублажена. Институтот амнестија наоѓа смисла во неприкосновеното право на казнување на државата, од каде произлегува и правото на простување на сторителот на казненото дело. Казната претставува справедлива одмазда за извршеното дело, додека амнестијата преставува простување, израз на добра волја и милост кон осудените лица да се помогне во процесот на нивната ресоцијализација.

Особено значајно е да се потенцира дека колективното помилување по пат на амнестија е ефикасен начин за отстранување на несправедливите последици предизвикани со честите измени на законите: кога новиот акон укинува некоја инкриминација или предвидува поблаго казнување, единствен инструмент со кој може да се интервенира за таквиот поблаг став на законодавецот да се однесува и на оние кои издржуваат кана според стариот закон е нивното амнестирање. Понекогаш и други важни социјални или политички причини го оправдуваат посегнувањето по амнестија заради надминување на можните социјални конфликти.

Овој институт постои и се применува во многу европски држави (Франција, Италија, Швајцарија, Турција, Словенија, Србија итн.).

Во Република Северна Македонија од моментот на нејзиното осамостојување донесени се повеќе закони за амнестија. Првиот закон за амнестија е донесен во 1991 и со него биле опфатени осудените лица кои се наоѓале на издржување на затворска казна, како и оние кои сѐ уште не биле упатени на издржување на казната. Законот за амнестија од 1999 година се однесува на лицата осудени со правосилна пресуда на казна затвор за кривични дела казниви со Кривичниот Законик и со друг закон на Република Македонија, на кои од страна на домашен суд им била изречена единствена казна затвор, како и лица осудени со правосилна пресуда од суд на поранешните југословенски републики, кои на денот на влегувањето во сила на овој закон започнале со издржување на казната во казнено-поправните установи во Република Македонија. Како резултат на потребата од поставување соодветна правна рамка како инструмент за реализација на Охридскиот договор, во 2002 година е донесен нов Законот за амнестија. Законот предвидувал ослободување од гонење, запирање на кривичните постапки и потполно ослободување од извршувањето на казната затвор на граѓаните на Република Македонија, лицата со законски престој, како и на лицата кои имале имот или семејство во Република Македонија, а за кои постоело основано сомневање дека подготвиле или сториле кривични дела поврзани со конфликтот во 2001 година, заклучно со 26 септември 2001 година. Амнестијата се однесувала и на лицата кои и пред 1 јануари 2001 година подготвувале или сториле кривични дела во врска со конфликтот во 2001 година. Со актот на амнестија не биле опфатени меѓународните злосторства за кои е надлежен Хашкиот трибунал. Законот содржел и основ за ослободување од извршувањето на казната затвор за 25% од неиздржаниот дел во поглед на лицата осудени со правосилна пресуда за кривични дела пропишани со Кривичниот законик и друг закон на Република Македонија, ако и на денот на влегувањето во сила на овој закон започнале со издржувањето на казната затвор во казненопоправните установи во Република Македонија.

Закон за амнестија е донесен и во 2003 година (ревидиран во 2004 година), а неговите одредби се однесувале на граѓаните на Република Северна Македонија кои не ја извршиле воената обврска. Во 2018 се донесени уште два закона за амнестија. Со првиот (објавен во „Сл. весник на РМ бр.11/18“), беше амнестирана одредена група на правосилно осудени лица, со цел за нивна ресоцијализација и растеретување на затворите од прекумерниот број на лица кои се наоѓаат на отслужување на затворска казна. Вториот пак, (објавен во „Сл. весник на РМ бр. 233/18“) се однесуваше на ослободување од кривично гонење, запирање на поведените кривични постапки и целосно ослободување од казната затвор, лицата за кои постоело основано сомневање дека сториле кривично дело поврзано со настаните во Собранието на РСМ од 27 април 2017 година. Последниот од низата закони за амнестија, беше донесен годинава (објавен во „Сл. весник на РСМ бр.65/23“), со кој на лицата осудени со правосилна пресуда на парична казна за кривични дела од членот 205 „Пренесување заразна болест“ и членот 206 „Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“ од Кривичниот законик, сторени по денот на влегувањето во сила на Одлуката за утврдување на постоење вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 68/20), донесена од претседателот на Република Северна Македонија до денот на влегувањето во сила на законот, изречената казна им се замени со алтернативна мерка условна осуда.

Но, со оглед на актуелните состојби се оцени за потребно да се предложи донесување на нов Закон за амнестија како израз на добра волја на државата кон одредена група на правосилно осудени лица. Примарна причина за донесување на овој закон е ресоцијализација на определен број осудени лица, а имајќи ги предвид и условите и капацитетите во казнено-поправните установи во држават како и растеретувањето на затворите од прекумерниот број на лица кои се наоѓаат на отслужување на затворска казна.

II. ЦЕЛИ, НАЧЕЛА И ОСНОВНИ РЕШЕНИЈА НА ПРЕДЛОГ ЗАКОНОТ

Целите што ќе се постигнат со донесување на Законот за амнестија се:

– ресоцијализација на сторителите на кривични дела;

– Намалување на бројот на лица кои издржуваат казна затвор во казнено-поправните установи, а со тоа значително ќе предизвика намалување на фактичката пренатрупеност во нив, како и финансиско растеретување на Буџетот на Република Северна Македонија, во однос на издржувањето на затворската популација.

Основна цел на Законот за амнестија е потребата за јакнење на рехабилитативниот концепт и помагање на процесот на реинтеграција на осудените лица.

III. ОЦЕНКА НА ФИНАНСИСКИТЕ ИМПЛИКАЦИИ ОД ПРЕДЛОГОТ НА ЗАКОНОТ ВРЗ БУЏЕТОТ И ДРУГИТЕ ЈАВНИ ФИНАНСИСКИ СРЕДСТВА

Предложениот закон нема да предизвика дополнителни финансиски импликации врз Буџетот на Република Северна Македонија.

IV. ПРОЦЕНА НА ФИНАНСИСКИТЕ СРЕДСТВА ПОТРЕБНИ ЗА СПРОВЕДУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ, НАЧИН НА НИВНО ОБЕЗБЕДУВАЊЕ, ПОДАТОЦИ ЗА ТОА ДАЛИ СПРОВЕДУВАЊЕТО НА ЗАКОНОТ ПОВЛЕКУВА МАТЕРИЈАЛНИ ОБВРСКИ ЗА ОДДЕЛНИ СУБЈЕКТИ

Предложените законски одредби нема да предизвикаат дополнителни материјални обврски за одделни субјекти.

V. СКРАТЕНА ПОСТАПКА ЗА ДОНЕСУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ

Со оглед на тоа што не е во прашање сложен и обемен закон, согласно член 170 од Деловникот на Собранието на Република Македонија, се предлага
Собранието да расправа по Предлог на закон за Амнестија, по скратена постапка.

ПРЕДЛОГ НА ЗАКОН ЗА АМНЕСТИЈА

Член 1

Со овој закон се уредува ослободување од извршување на казна затвор (во натамошниот текст: амнестија) на:
– лица осудени со правосилна пресуда на казна затвор за кривични дела пропишани со Кривичниот законик или други закони, кои на денот на влегувањето во сила на овој закон започнале или не започнале со издржување на казната затвор во казнено-поправните установи во Република Северна Македонија и
– лица осудени со правосилна пресуда на казна затвор за кривични дела пропишани со кривични закони на друга држава доколку сторителот е државјанин на Република Северна Македонија и казната ја издржува во Република Северна Македонија врз основа на извршување на кривична пресуда на странски или меѓународен суд и истата е признаена со пресуда на надлежен суд во Република Северна Македонија, согласно меѓународен договор ратификуван согласно Уставот на Република Северна Македонија.

Член 2

(1) Осудените лица од член 1 од овој закон на кои им е изречена казна затвор до шест месеци, потполно се ослободуваат од издржување на казната.
(2) Осудените лица од член 1 од овој закон на кои им е изречена казна затвор над шест месеци, се ослободуваат од издржување на 30% од целокупната казна изречена со правосилна пресуда.
(3) Осудените лица од член 1 од овој закон на кои со правосилна пресуда им е изречена единствена казна затвор, се ослободуваат од издржување на единствената казна затвор за 30% во делот на претходно утврдените поединечни казни опфатени со амнестија.
(4) Доколку во единствената казна затвор е утврдена казна затвор за кривично дело кое не подлежи на амнестија, осудениот од член 1 од овој закон се ослободува од издржување на казната за 30% само во делот на претходно утврдените поединечни казни опфатени со амнестија.

Член 3

(1) Амнестијата не се однесува на лица осудени со правосилна пресуда:
– на казна доживотен затвор;
– за кривично дело ,,Убиство‘‘ од член 123 од Кривичниот законик;
– за кривични дела против изборите и гласањето од членовите од 158 до 165-в од Кривичниот законик;
– за кривични дела против половата слобода и половиот морал од членовите од 186 до 194 од Кривичниот законик;
– за кривично дело „Разбојништво“ од член 237 став (5) од Кривичниот законик;
– за кривично дело „Разбојничка кражба„ од член 238 став (5) од Кривичниот законик;
– за кривични дела против државата од членовите од 305 до 327 од Кривичниот законик;
– за кривични дела против јавниот ред од членовите од 394 до 394-г од Кривичниот законик;
– за кривични дела против човечноста и меѓународното право од членовите од 403 до 418-а и од 418-в до 422 од Кривичниот законик;
– за кривично дело „Измама на штета на средства на Европската Унија“ од член 249-а од Кривичниот законик;
– за кривично дело „Перење пари и други приноси од казниво дело“ од член 273 од Кривичниот законик;
– за кривично дело „Злоупотреба на службената положба и овластување“ од член 353 од Кривичниот законик;
– за кривично дело „Несовесно работење во службата“ од член 353-в од Кривичниот законик,
– за кривично дело „Примање поткуп“ од член 357 од Кривичниот законик;
– за кривично дело „Давање поткуп“ од член 358 од Кривичниот законик;
– за кривично дело „Давање награда за противзаконито влијание“ од член 358-а од Кривичниот законик;
– за кривично дело „Примање награда за противзаконито влијание“ од член 359 од Кривичниот законик и
– за кривични дела сторени при вршење на семејно насилство и родово-базирано насилство.
(2) Амнестијата не се однесува на лицата кои делата предмет на амнестија ги сториле по 1 септември 2023 година.

Член 4

Амнестијата не се однесува на лица кои биле амнестирани за кривични дела согласно Законот за амнестија (,,Службен весник на Република Македонија‘‘ бр.11/18).

Член 5

(1) Амнестија не се однесува на правосилно осудени лица за кои до денот на влегувањето во сила на овој закон е наредено издавање на потерница поради нивна недостапност на органите на кривичниот прогон.
(2) Судијата за извршување на санкции е должен во рок од три дена од денот на влегувањето во сила на овој закон, писмено да го извести судот кој е надлежен да постапува, за постоење на околностите од став (1) на овој член.

Член 6

(1) Постапката за примена на овој закон за осудените лица кои се наоѓаат на издржување на казната затвор, се поведува по службена должност од страна на казнено-поправната установа
(2) Постапката за примена на овој закон за осудените лица кои не започнале со издржување на казната затвор, ја поведува судот што ја донел првостепената пресуда по службена должност, по барање на јавен обвинител или по барање на осуденото лице.
(3) Решението за амнестија според одредбите од овој закон го донесува судот што ја донел првостепената пресуда, во рок од пет дена од денот на приемот на барањето во судот.
(4) Против решението од став (3) на овој член, жалба можат да поднесат осуденото лице и лицето кое во корист на осуденото лице може да изјави жалба, во рок од 24 часа од приемот на решението.
(5) По жалбата против решението на првостепениот суд одлучува непосредно повисокиот суд, во рок од 48 часа од приемот на жалбата.
(6) Жалбата од став (4) на овој член не го задржува од извршување решението.

Член 7

Во постапката за спроведување на овој закон се применуваат одредбите од Законот за кривична постапка, доколку со овој закон поинаку не е определено.

Член 8

Овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија.

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ НА ПРЕДЛОГ ЗАКОНОТ:

I. ОБЈАСНУВАЊЕ НА СОДРЖИНАТА НА ОДРЕДБИТЕ НА ПРЕДЛОГ ЗАКОНОТ

Овој предлог на закон содржи 8 (осум) члена:

Со членот 1 од Предлогот на Законот за амнестија, се објаснува содржината на самиот закон. Имено, согласно член 1 од овој закон се предвидува ослободување од извршување на казна затвор на: лица осудени со правосилна пресуда на казна затвор за кривични дела пропишани со Кривичниот законик или други закони, кои на денот на влегувањето во сила на овој закон започнале или не започнале со издржување на казната затвор во казнено-поправните установи во Република Македонија, како и на лица осудени со правосилна пресуда на казна затвор за кривични дела пропишани со кривични закони на друга држава доколку сторителот е државјанин на Република Македонија и казната ја издржува во Република Македонија врз основа на извршување на кривична пресуда на странски или меѓународен суд и истата е признаена со пресуда на надлежен суд во Република Македонија согласно меѓународен договор ратификуван согласно Уставот на Република Северна Македонија.
Во членот 2 се наведува колку изнесува процентот за кој осудените лица се ослободуваат од извршување на казната затвор. Оваа поделба е извршена врз основа на висината на казната која им е изречена на сторителите на кривичните дела. Така, се предлага сите осудените лица од членот 1 на овој закон на кои им е изречена казна затвор до шест месеци, потполно да се ослободат од издржувањето на казната. Сите други осудени лица од членот 1 на овој закон се ослободуваат од издржување на 30% од целокупната казна изречена со правосилна пресуда. Доколку во единствената казна затвор е утврдена казна затвор за кривично дело кое не подлежи на амнестија, осудениот од членот 1 од овој закон ќе се ослободи од издржување на казната за 30% само во делот на претходно утврдените поединечни казни опфатени со амнестија.

Во членовите 3 и 4 се објаснува за кои кривични дела нема да важи амнестијата, односно кои осудени лица нема да бидат опфатени со законот за амнестија. Во оваа одредба е применета т.н. „негативна“ клаузула со која изречно се исклучуваат делата што не се опфатени со амнестијата. Со законот се предвидува дека амнестијата не се однесува на лицата осудени со правосилна пресуда:
– на казна доживотен затвор;
– за кривично дело ,,Убиство‘‘ од член 123 од Кривичниот законик;
– за кривични дела против изборите и гласањето од членовите од 158 до 165-в од Кривичниот законик;
– за кривични дела против половата слобода и половиот морал од членовите од 186 до 194 од Кривичниот законик;
– за кривично дело „Разбојништво“ од член 237 став (5) од Кривичниот законик;
– за кривично дело „Разбојничка кражба„ од член 238 став (5) од Кривичниот законик;
– за кривични дела против државата од членовите од 305 до 327 од Кривичниот законик;
– за кривични дела против јавниот ред од членовите од 394 до 394-г од Кривичниот законик;
– за кривични дела против човечноста и меѓународното право од членовите од 403 до 418-а и од 418-в до 422 од Кривичниот законик;
– за кривично дело „Измама на штета на средства на Европската Унија“ од член 249-а од Кривичниот законик;
– за кривично дело „Перење пари и други приноси од казниво дело“ од член 273 од Кривичниот законик;
– за кривично дело „Злоупотреба на службената положба и овластување“ од член 353 од Кривичниот законик;
– за кривично дело „Несовесно работење во службата“ од член 353-в од Кривичниот законик,
– за кривично дело „Примање поткуп“ од член 357 од Кривичниот законик,
– за кривично дело „Давање поткуп“ од член 358 од Кривичниот законик,
– за кривично дело „Давање награда за противзаконито влијание“ од член 358-а од Кривичниот законик;
– за кривично дело „Примање награда за противзаконито влијание“ од член 359 од Кривичниот законик;
– за кривични дела сторени при вршење на семејно насилство и родово-базирано насилство.
Амнестијата не се однесува на лицата кои делата предмет на амнестија ги сториле по 1 септември 2023 година.

Во членот 4 е пропишано дека амнестијата не се однесува и на лицата кои биле амнестирани согласно Законот за амнестија (,,Службен весник на Република Македонија‘‘ бр.11 /18), за кривичните дела за кои биле амнестирани согласно наведениот закон.
Во членот 5 е уредено дека амнестијата не се однесува на правосилно осудени лица за кои до денот на влегувањето во сила на овој закон е наредено издавање на потерница поради нивна недостапност на органите на кривичниот прогон. За постоењето на оваа околност, судијата за извршување на санкции е должен во рок од три дена од денот на влегувањето во сила на овој закон, писмено да го извести судот кој е надлежен да постапува.

Во членот 6 се уредува постапката за давање на амнестија, односно органот кој ја спороведува постапката, како и издавањето на решението за амнестија. Имено, постапката за примена на овој закон за осудените лица кои се наоѓаат на издржување казна затвор, се поведува по службена должност од страна на казнено-поправната установа, додека постапката за примена на овој закон за осудените лица кои не отпочнале со издржување на казната затвор, ја поведува судот што ја донел првостепената пресуда по службена должност, по барање на јавен обвинител или по бараење на осуденото лице. Согласно членот 5, решението за амнестија според одредбите на овој закон го донесува судот што ја донел првостепената пресуда, во рок од пет дена од денот на приемот на барањето во судот. Против ова решение, пропишано е дека жалба можат да поднесат осуденото лице и лицето кое во корист на осуденото лице може да изјави жалба, во рок од 24 часа од приемот на решението. По жалбата против решението на првостепениот суд одлучува непосредно повисокиот суд, во рок од 48 часа од приемот на жалбата. Од значаење е да се потенцира и дека жалбата од став (4) на овој член не го задржува извршувањето на решението.
Во членот 7 е наведено дека во постапката за спроведување на овој закон ќе се применат одредбите на Законот за кривичната постапка, доколку со неговите одредби не е поинаку определено.
Со членот 8 е предвидено овој закон за влезе во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на РСМ“.

II. МЕЃУСЕБНА ПОВРЗАНОСТ НА РЕШЕНИЈАТА СОДРЖАНИ ВО ПРЕДЛОЖЕНИТЕ ОДРЕДБИ

Решенијата содржани во предложените одредби се меѓусебно поврзани и претставуваат една правна целина

III. ПОСЛЕДИЦИ КОИ ЌЕ ПРОИЗЛЕГУВААТ ОД ПРЕДЛОЖЕНИТЕ РЕШЕНИЈА

Изминатиот период состојбата во казнено поправните установи е алармантна, што посебно е потенцирано и во бројните меѓународни извештаи кои се занимаваат со ова прашање. Притоа, тоа посебно е потенцирано од страна на Комитетот против тортура во рамките на Советот на Европа (CPT). Со Предлогот на Законот за амнестија ќе се постигне надминување на оваа состојба и за растеретување на казнено поправните установи. Покрај наведената цел, со ослободувањето од издржување казна затвор на сторители на кривични дела со изречени кратки казни затвор се спречува криминалната инфекција на оваа категорија лица.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни