Минoски: Геополитичките кризи на Блискиот Исток директно влијаат врз цените и животниот стандард

Поранешниот министер за финансии и економист Кирил Миноски предупредува дека геополитичките тензии на Блискиот и Средниот Исток имаат директно влијание врз светската економија, а со тоа и врз животниот стандард на граѓаните во многу земји, вклучително и во Европа.

Во анализа објавена на социјалните мрежи, Миноски посочува дека регионот има огромно значење за глобалниот енергетски пазар, бидејќи таму се наоѓаат најголемиот дел од светските резерви на нафта. Според него, земјите како Саудиска Арабија, Ирак, Иран, Кувајт, Обединетите Арапски Емирати и Бахреин заедно учествуваат со околу една третина од светското производство на нафта, додека само Саудиска Арабија обезбедува околу 12 проценти од глобалното производство.

Тој нагласува дека геополитичките тензии создаваат ризик од прекин на снабдувањето или ограничување на клучните транзитни рути, што може сериозно да ја погоди светската, а особено европската економија, која во голема мера зависи од увоз на енергенси.

Миноски посочува дека низ Хормускиот теснец, кој го поврзува Персискиот со Оманскиот Залив, минува околу 20 проценти од светската трговија со нафта по морски пат. Овој теснец е од клучно значење за извозот на нафта од земји како Саудиска Арабија, Ирак, Иран, Кувајт и Обединетите Арапски Емирати.

Дополнително, важно стратешко значење има и теснецот Баб ел-Мандеб кај Јемен, кој го поврзува Црвеното Море со Аденскиот Залив и Индискиот Океан. Низ него, покрај нафтата и течниот природен гас, поминува и значителен дел од светскиот поморски сообраќај кон и од Суецкиот канал.

Според Миноски, секоја безбедносна криза во овие региони директно се одразува врз светските пазари. Вообичаено следуваат раст на цените на нафтата, зголемување на транспортните и производствените трошоци, нарушување на синџирите на снабдување и дополнителни инфлациски притисоци.

„Кога цената на енергенсите нагло расте, најголемиот товар го носат домаќинствата со фиксни и ниски приходи, бидејќи инфлацијата директно ја намалува нивната куповна моќ“, посочува Миноски.

Тој заклучува дека глобалните кризи не се „далечни вести“, туку имаат директни последици врз секојдневниот живот на граѓаните. Според него, без проактивна економска политика, фискална дисциплина и подготвеност за економски шокови, глобалните проблеми лесно може да се претворат во локален економски притисок и пад на животниот стандард.