Алта банка во Македонија, според јавно достапните финансиски показатели, располага со доволно ликвидни средства, но сериозен проблем претставува нарушената репутација на нејзиниот доминантен сопственик во Србија. Ова го истакна Кирил Миновски во вечерашното гостување во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ.
Според него, иако македонската банка функционира согласно домашното законодавство и е под надзор на Народната банка, случувањата со матичната компанија во Белград не можат да останат без последици врз довербата на клиентите.
„Во случај кога имаме сопственик кој е доминантен сопственик, а во матичната држава му е одземена лиценцата, сметам дека не е логично истиот тој сопственик да остане и да функционира во државата“, изјави Миновски.
Тој нагласи дека е неопходно да се пронајде решение кое ќе обезбеди сигурност за сите граѓани и компании кои ги користат услугите на банката и имаат депонирано средства во неа.
Миновски посочи дека според податоците заклучно со 30 септември, Алта банка во Македонија располагала со околу 80 милиони евра ликвидни средства. Иако во првите девет месеци од годината била забележана загуба, таа, според неговата оценка, не била значителна во однос на вкупната актива на банката.
Сепак, тој предупреди дека финансиските показатели не се единствениот фактор што ја определува стабилноста на една банка.
„Довербата и во животот, а особено во банкарскиот сектор, многу тешко се гради, а многу лесно се губи“, нагласи Миновски.
Според него, одземањето на лиценцата на Алта банка во Србија претставува сериозен репутациски ризик кој бара внимателно постапување од македонските регулаторни институции, со цел да се заштитат депозитите и да се зачува довербата во банкарскиот систем.