Берово утрово беше најстудено со измерени минус 11 степени, според податоците на Управата за хидрометеоролошки работи објавени во 8:30 часот. Во Крива Паланка температурата се спушти до минус 8, а во Струмица до минус 7 степени.
Минус 6 степени се измерени во Куманово, Штип, Скопје-Петровец, Демир Капија и Битола. Во Лазарополе, Тетово, Велес, Кавадарци и Прилеп биле измерени минус 5 степени.
Во Скопје-Зајчев Рид, Попова Шапка, Крушево и Виница минималната температура изнесувала минус 4 степени, во Гевгелија минус 2, а во Претор и Охрид минус 1 степен.
Во текот на денот времето ќе биде променливо облачно. Кон крајот на денот и во текот на ноќта во западните делови се очекуваат повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен југоисточен ветер, а максималните температури, според општата прогноза на УХМР, ќе се движат од 7 до 12 степени.
За Скопје е најавено сончево и постудено време со мала до умерена облачност и слаб до умерен јужен ветер. Максималната температура во главниот град ќе достигне до 6 степени.