Премиерот Христијан Мицкоски остро ја критикуваше одлуката на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција да ја запре постапката поврзана со изградбата и поставувањето на модуларните болници, без кривично гонење на физички или правни лица.
Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски потсети дека постапката траела околу пет години и нагласи дека во пожарот во модуларната болница во Тетово загинаа 14 лица.
„Треба јавноста да знае дека ова е процес којшто трае веќе пет години. Процес којшто изминативе пет години околу себе мобилизираше разни информации. Но, она што е значајно да се напомене е дека во модуларната болница во Тетово живи гореа 14 луѓе“, изјави Мицкоски.
Тој упати сериозни обвинувања кон шефот на Обвинителството, Ислам Абази, тврдејќи дека со одлуката се затвора постапката без да биде утврдена кривична одговорност.
Мицкоски порача дека, според него, случајот сепак не е дефинитивно завршен, бидејќи во иднина би можеле да се појават нови факти и докази врз основа на кои постапката повторно би можела да биде отворена.
„Секогаш можат да се појават нови детали кои се поврзани со овој процес и секогаш овој процес може повторно да стане актуелен и да се покрене од самиот почеток“, рече премиерот.
Тој ја оцени одлуката како „скандалозна“, а реагираше и на ставовите на опозицијата, обвинувајќи ја дека сега ги поддржува институциите што претходно ги критикувала.
„Овој обвинител и луѓето коишто го водеа овој случај не најдоа докази за сторено кривично дело во случај во кој гореа живи луѓе“, рече Мицкоски.