Политичката тема за можни предвремени парламентарни избори повторно се најде во фокусот, откако премиерот Христијан Мицкоски порача дека Владата е подготвена да одговори позитивно доколку опозицијата официјално побара избори. Од ДУИ веднаш реагираа и порачаа дека токму тоа го бараат и повикаа на конкретни чекори за распуштање на Собранието и распишување избори.
„Граѓаните не сакаат избори. Граѓаните сакаат реформи и континуитет на процесите што ги води оваа Влада“, изјави Мицкоски денеска, одговарајќи на новинарско прашање пред учеството на Амбасадорскиот совет.
Премиерот посочи дека актуелната владејачка коалиција има добиено мандат од граѓаните за четиригодишно управување со државата, додавајќи дека според него Владата има подобри резултати во споредба со претходната.
„Ние како коалиција имаме добиено легитимитет од граѓаните за да бидеме Влада четири години. Но, она што јас вчера го кажав, ќе го потврдам, а тоа е доколку опозицијата мисли дека се потребни предвремени избори, се разбира, ние нема да седиме на страна како кукавици, туку ќе одговориме на тоа барање позитивно и се разбира дека ќе ги победеме“, рече Мицкоски.
Од Демократската унија за интеграција ја поздравија изјавата на премиерот и порачаа дека ДУИ бара предвремени парламентарни избори.
„Го бараме тоа. Конечно и премиерот разбра дека оваа состојба е неодржлива и дека на државата ѝ е потребен нов политички мандат“, велат од ДУИ.
Од партијата обвинуваат дека Владата го загубила легитимитетот да продолжи со своите политики, при што како проблеми ги наведуваат европската изолација, влошувањето на меѓуетничките односи, нарушувањето на Охридскиот договор и, како што велат, слабеењето на застапеноста на Албанците во институциите.
ДУИ бара изјавата на Мицкоски да биде преточена во конкретни активности и во наредните денови да се утврди најбрзиот уставен рок за одржување избори.
„Доколку понудата на премиерот е сериозна, нема причина за одложувања, изговори или политички калкулации. Опозицијата го даде својот одговор. ДУИ е подготвена. Да се распушти Собранието. Да се определи датумот. Да одиме на избори“, порачаа од партијата.