Мицкоски го започна третиот и последен мандат: Лидерот ветува „подобра генерација“, аналитичарите поделени околу визијата и реалноста

Христијан Мицкоски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, и официјално влезе во својот трет и последен мандат на чело на партијата. На 18-тиот Конгрес во Кавадарци, тој доби апсолутна поддршка од делегатите (804 гласа „за“ од 817 присутни), со што ја цементираше својата позиција за следните четири години. Во својот говор, Мицкоски порача дека неговата мисија сега не е лична доминација, туку создавање на „генерација што ќе биде подобра од него и најдобра за Македонија“.

Сепак, неговиот настап предизвика дијаметрално спротивни реакции кај експертската јавност. Додека едни го гледаат како државотворен лидер кој гради континуитет, други го оценуваат како политичар кој зборува работи во кои ни самиот не верува.

Исени: „Генерациска одговорност“ и мит за спасителот

За политичкиот аналитичар Џенур Исени, говорот на Мицкоски е школски пример за градење на нарација на „континуитет на мисијата“.

„Ова е класичен пример на лидерски говор кој има за цел не само да ја зацврсти внатрепартиската кохезија, туку и да создаде симболичка рамка во која тој се позиционира како носител на ’генерациска одговорност‘. Тој ја раскажува приказната за трансформацијата на партијата – од кризи и изолација до изборна доминација – испраќајќи сигнал дека стабилноста на власта е директно врзана за неговото лидерство,“ коментира Исени за весникот ВЕЧЕР.

Сепак, Исени предупредува дека иако Мицкоски се претставува како главен архитект на проектот ВМРО-ДПМНЕ, недостатокот на јасна стратегија за транзиција на моќта остава отворени дилеми за долгорочната кадровска иднина.

Пекевски: „Празни зборови и пад од 300.000 гласа“

На спротивниот пол е ставот на аналитичарот Синиша Пекевски, кој смета дека говорот нема допирна точка со реалноста. Според него, Мицкоски повторува мантри стари 30 години, додека реалноста на теренот е поинаква.

„Мицкоски зборува работи во кои и самиот не верува. Да се потсетиме на неисполнетите ветувања за името, економијата и неселективноста. Случајот со одговорноста за Кочани, сомнителните дипломи на функционери и бизнисите за блиските луѓе кажуваат сè. Падот од 300.000 гласа на последните локални избори е сериозна порака која се игнорира,“ дециден е Пекевски.

„Визија што гради држава“ и нови документи

Конгресот се одржа под мотото „Визија што гради држава – За генерацијата што доаѓа 2030“, а беа усвоени два клучни документи: Стратегија 2025–2030 и Доктрина.

Мицкоски ги нарече овие документи „национален договор“ кој ја гарантира европската иднина без губење на историската вертикала. „Никој нема да го прекрши тој договор. Ниту јас, ниту Владата. Влегуваме во ново поглавје каде целта е да изградиме функционален систем,“ вети лидерот.

Најавени чистки и „нова генерација“

Иако е на врвот на моќта, Мицкоски најави сериозни резови. Во следните шест месеци, ВМРО-ДПМНЕ ќе помине низ процес на реформи и кадровски освежувања на сите нивоа – од Извршниот комитет до месните заедници.

„На ВМРО-ДПМНЕ му е потребна новата генерација. Генерација која ќе изгради стабилно и победничко ВМРО-ДПМНЕ,“ рече тој.

Бидејќи ова е негов последен статутарен мандат, во партиските кулоари веќе се шпекулира за потенцијалните наследници. Висок партиски функционер за ВЕЧЕР потврди дека е логично да се подготвува терен за „предавање на штафетата“.

СДСМ: „Конгрес во режија на Мицкоски и Груевски“

Од опозициската СДСМ не го штедеа Конгресот од критики, обвинувајќи дека сè е диригирано од двоецот Мицкоски-Груевски. Тие ја поврзаа актуелната власт со, како што велат, „оската Орбан-Вучиќ-Груевски“, обвинувајќи за бизнис интереси и авторитарен модел на владеење.