Македонија

Мицкоски најави голем проект – електрични автобуси и фабрика во Скопје за нивно производство

Мицкоски најави голем проект – електрични автобуси и фабрика во Скопје за нивно производство

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска најави голем проект, односно голема набавка на електрични автобуси како и фабрика во Скопје за нивно производство.

„Втората работа која за која што сакам денеска да зборувам е практично голем проект позитивен, инвестиција за Скопје и скопјани, во делот на организираниот превоз. Изминатиот период сериозно работевме на контакти, разговори и преговори со неколку светски компании кои што произведуваат електрични автобуси,  за кои што Градот Скопје а нормално тоа е и дел од изборната програма и ветувања на независниот кандидат, градоначалник Данела Арсовска, а тоа е да може Скопје да биде лидер по оваа технологија и во градскиот превоз на Балканот, а зошто да не и во Југоисточна Европа а тоа се набавка на нови минимум 100 парчиња на електрични автобуси кои што од прилика годишно го намалуваат загадувањето за 80 илјади тони по парче. Што значи дека исклучително голем број на  штетни гасови кои што сега за жал ја дишат скопјани ќе биде елиминирана со имплементирање на овие нови електрични автобуси. И за таа цел изминатиот период остваривме комуникација со многу производители“, посочи Мицкоски.

Тој вели дека се во завршна фаза и во подготовка на тендерската процедура за набавка на овие автобуси.

„Исто така со сите овие потенцијални снабдувачи разговараме и за отворање на фабрика тука во Скопје во Македонија за производство на овие електрични автобуси во кое што ќе се вработат минимум 500тини луѓе на силно и добро платени работни места, кои што тука ќе обезбедат егзистенција а Македонија ќе ја ставиме на мапата на производители на електрични автобуси во Европа“, додава Мицкоски.

Според Мицкоски, голем дел од овие компании им посочиле дека од тука понатаму сакаат да го снабдуваат и европскиот пазар со ваков тип на превозни средства односно електрични автобуси.

„Мислам дека сме многу блиску и да го официјализираме сето ова, затоа велиме работиме исклучително посветено на екологијата, работиме на исполнувања на ветувањата кои што беа дел од предизборната програма на независниот кандидат, а сега градоначалник Данела Арсовска која што ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата ја поддржа и работиме на подобрување на комфорот на скопјани, работиме на подобрување на квалитетот на воздухот на Градот Скопје. Скопје да биде еко и најчист главен град на Балканот, бидејќи претходникот а и оваа власт не само што тоа не ги интересира, туку ни со еден чекор и политика не покажаа дека сакат на скопјани тоа да им го овозможат. Затоа за нас е важно еко, електрични автобуси најголем број на Балканот и нова фабрика за производство со минимум 500тини вработени во првиот чекор за почист и позелен град и нова технологија за 21 век од каде што Македонија ќе извезува знаење, и нормално ваков тип на превозни средства во Европа“, додава Мицкоски.

 

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни