Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека очекува во текот на утрешниот ден надлежните институции да потврдат дека водата за пиење во Гостивар повторно е технички исправна за користење, откако завршните анализи покажале позитивни резултати.
Одговарајќи на новинарски прашања при увидот во градежните работи на клучката кај Момин Поток, Мицкоски рече дека екипи на ЈП „Водовод и канализација“ од Скопје се ангажирани во Гостивар, каде што се спроведува хиперхлорирање на водоводната мрежа.
„Екипи од скопски Водовод се во Гостивар и работат на хиперхлорирање на инсталациите. Резултатите од анализите се веќе добри и очекувам утре да биде објавено соопштение дека водата е технички исправна за користење. Во рекорден рок од една недела проблемот беше саниран“, изјави премиерот.
Тој посочи дека Владата ги презела сите активности што биле во нејзина надлежност за надминување на состојбата, додека прашањето за евентуална одговорност е предмет на постапка што ја води Јавното обвинителство.
„Политиката на Владата е да испорачува резултати и така ќе продолжиме. Одговорноста за тоа што се случи во Гостивар е предмет на постапка на Јавното обвинителство, кое ќе утврди дали постои потреба од дополнително лоцирање одговорност“, рече Мицкоски.
Осврнувајќи се на критиките од опозицијата за квалитетот на водата во повеќе градови, премиерот порача дека Владата останува фокусирана на решавање на проблемите и подобрување на состојбите на терен.
„Ги следам ставовите на опозицијата, но честопати нема суштина што би ја коментирал. Тие се повикуваат на извештаи од периодот кога претседателот на СДСМ беше министер за здравство. Нивната политика е да конструираат лаги и да шират хистерија, додека политиката на Владата е да испорачува резултати и така ќе продолжиме“, изјави Мицкоски.