Претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вели дека би му пречело кога некој би го гледал како бројка или процент. Ова го вели и за Законот за употреба на јазиците, кој официјално се вика „Закон за употреба на јазиците што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните“, иако едноставно може да се именува како „Закон за употреба на албански јазик“.
Го прашавме шефот на опозицијата – што конкретно би значело ова и дали бараат законот да се преименува во Закон за употреба на албански јазик? Не добивме конкретен одговор, само повтори дека е против тоа граѓаните да се третираат со проценти.
Но, реториката на Мицкоски пред неколку месеци беше поинаква. Ги коригираше грешките на власта кога албанскиот јазик се спроведуваше онаму каде што немаше 20%.
Во јануари 2018, Мицкоски Законот за јазиците го нарече неуставен кој го менува карактерот на државата и креира нефункционални институции. Кога законот се гласаше во Собрание, партијата на Мицкоски достави над 35 илјади амандмани, кои ако беа земени предвид, целосно ќе ја блокираа работата на законодавниот дом.
.
