По препораката од Европската комисија започна дијалогот со Бугарија. Меѓународните партнери се запознаени со содржината на разговорите, продолжуваме да разговараме и кога ќе биде постигнат напредок ќе ги информираме граѓаните. Ова денеска го изјави премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања по средбата на министрите за надворешни работи на Македонија и Бугарија, Тимчо Муцунски и Велислава Петрова-Чамова, во Софија, во рамките на обидите за деблокада на евроинтеграциите на Македонија.
По сигналите од Софија дека нема повторно преговарање и дека уставните измени со одложено дејство не се прифатливи, Мицкоски беше прашан каде го гледа излезот од ваквата блокада. „Во разговор, во дијалог. Тоа е убавината на демократијата, кога ќе разговарате и ќе водите дијалог. Се радувам што тој дијалог почна и што за него се запознаени нашите партнери. Убавината на демократијата е да разговарате кога имате различни ставови, а умешноста е тие ставови да ги приближите и на крај да стигнете до компромис“, рече Мицкоски.
„Очекувам дијалогот да продолжи и во одреден момент ставовите да се приближат за да дојдеме до решение“, додаде тој.
На прашањето дали е можна нова средба до декемврискиот самит, Мицкоски одговори: „Да му дозволиме на процесот да се движи по природен тек. За сѐ што треба јавноста да знае, ќе биде информирана навреме“.