Поврзи се

4NEWS.mk

Мицотакис повторно се заложи за преговори на ЕУ со Македонија и Албанија

Published

on

 

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис побара ЕУ да отвори преговори за членство со Македонија и Албанија следната година, обвинувајќи ја Франција за блокирање на процесот.

Во интервјуто за Фајненшл Тајмс, објавено денеска, Мицотакис ја критикуваше одлуката на францускиот претседател Емануел Макрон во октомври да го блокира одобрувањето датум за почеток на преговори.

-Текстот продолжува по рекламата-

– Се надевам дека оваа грешка ќе биде коригирана, посочи Мицотакис.

Додека беше во опозиција, Мицотакис го критикуваше Преспанскиот договор, со кој Македонија се договори со Атина да го смени името во замена за отворање на патот кон членство во ЕУ и НАТО, потсетува весникот. Но тој вети дека откако ќе биде ратификуван, ќе го почитува Договорот и откако дојде на власт ги поддржува напорите на Скопје за почеток на преговори со ЕУ.

На прашањето на Фајненшл тајмс за руското влијание на Западен Балкан, Мицотакис вели: Бев загрижен, сум загрижен и ќе бидам загрижен. И поради тоа сметам дека одлуката на Европскиот совет мора да биде ревидирана во 2020 година.

Одлуката на Макрон да стави вето на натамошно проширување на ЕУ ги налути другите престолнини, меѓу кои и Германија, тврди Фајненшл тајмс.

Мицотакис го повика Макрон да гледа на проширувањето на ЕУ кон Западен Балкан како на геополитичка цел, како што тоа го правеа неговите претходници во Париз во промовирањето на пристапувањето на Грција пред четири децении.

– Ако гледаме на поширокиот геополитички контекст, многу е јасно дека треба да се одржи европскиот пат отворен за сите земји од Западен Балкан, под услов да ги исполнат барањата, бидејќи ова не е автоматски процес. Доколку погледнеме некои елементи од приказната за Грција, во 1979 година Грција (ги заврши преговорите) стана членка на Европската економска заедница, затоа што еден француски претседател, во тоа време, донесе храбра одлука, гледајќи го поширокиот геополитички контекст, дека Грција мораше да припаѓа на Европа за да се надмине траумата од хунтата.

– Дали беше Грција подготвена за членство во тој период? Кој знае. И секако, процесот се одвиваше многу поинаку во тоа време. Но беше геополитичка одлука и беше најважната одлука за иднината на земјата, ако се гледа во ретроспектива, изјави Мицотакис за Фаненшл тајмс.

Грчкиот премиер, исто така, ја критикуваше изјавата на Макрон дека НАТО е во состојба на мозочна смрт. Тој оцени дека иако одредени грижи на Макрон за Алијансата се валидни, сепак употребениот израз е контрапродуктивен.

– Понекогаш и јазикот што употребуваме е многу важен, па можно е да го донесе спротивниот резултат, рече Мицотакис.  Тој појасни дека едно е да се каже дека се потребни реформи во НАТО, но сосема друго е да се каже дека е во состојба на мозочна смрт.

Извор: Сител телевизија

Реклама
Реклама
WP2FB Auto Publish Powered By : XYZScripts.com