Дипломираната физиотерапевтка и сертифициран терапевт за традиционална тајландска масажа Меланија преку емотивна видео-објава на својот Инстаграм профил јавно побара помош од надлежните институции, тврдејќи дека со години живее во услови на семејно насилство, страв и институционална незаинтересираност.
Во своето обраќање, Меланија истакнува дека досега социјалните мрежи ги користела за теми поврзани со здравјето, холистичкиот пристап и духовниот развој, но овојпат решила јавно да проговори за личната животна борба.
„Не барам да бидам сожалувана, не барам коментари и поддршка од луѓето. Барам институциите да ме слушнат и да ми помогнат“, вели таа во видеото.
Според нејзиното сведоштво, таа, нејзината мајка, баба и брат со церебрална парализа живеат со лице кое, како што наведува, е во континуирана алкохолизирана состојба, има психијатриска дијагноза и историја на лекување во психијатриски установи, но, и покрај повеќекратните обиди, не успеваат повторно да обезбедат негова хоспитализација.
Меланија тврди дека семејството со години се соочува со закани по живот, страв и психолошки притисок, а дека во повеќе наврати барале интервенција од полицијата и здравствените институции. Според неа, одговорите што ги добивале биле дека нема слободни места во психијатриските установи или дека не се исполнети условите за принудно лекување.
Во обраќањето таа нагласува дека нивната состојба е дополнително усложнета поради тоа што нејзиниот брат користи инвалидска количка, што значително ги ограничува можностите семејството да го напушти домот и да најде соодветно и пристапно сместување.
„Не мора да има жртви за некој да нè слушне. Не мора да бидеме убиени или тешко повредени за системот да реагира“, порачува Меланија.
Таа апелира надлежните институции да преземат конкретни чекори и јавно прашува која институција е надлежна за постапување во случаи кога лице со сериозни психички нарушувања и зависност од алкохол претставува потенцијална опасност за членовите на своето семејство.
На крајот од видеото, Меланија повторно упатува апел за итна помош, нагласувајќи дека не сака трагедија да биде повод за институционална реакција, туку навремена заштита за нејзиното семејство.
Случајот отвора прашања за ефикасноста на институционалната заштита на жртвите на семејно насилство, достапноста на психијатриската грижа и механизмите за навремена интервенција во ситуации кога постои сериозен ризик за безбедноста на граѓаните.