МНТ се простува од својот колега Кирил Поп Христов: Остави значаен белег во македонската култура

Македонската театарска сцена остана без уште едно значајно име. Почина актерот Кирил Поп Христов (1967–2026), долгогодишен член на ансамблот на Македонскиот народен театар (МНТ), кој зад себе остави богата кариера на театарската сцена, како и бројни улоги во филмови и телевизиски продукции.

Од МНТ соопштија дека се простуваат од својот колега и пријател, кого публиката и колегите го знаеја како Кили. Поп Христов дипломирал актерска игра на Факултетот за драмски уметности во Скопје при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, во класата на професорот Љубиша Георгиевски во 1989 година.

Тој бил дел од ансамблот на МНТ од 1993 до 2014 година, а во 2018 година повторно се враќа на сцената на оваа институција, каде што продолжува да настапува и да остава значаен белег во македонскиот театар.

Во текот на својата кариера оствари бројни улоги во претстави на сцената на МНТ. Меѓу нив се Дон Хусман во „Свадбата на Фигаро“, Антинор во „Троил и Кресида“, Пејач во „Мара/Сад“, Мик во „Домар“, Крсто во „Ослободување на Скопје“, Џиги во „Павилјони“, како и Осман бег во „МКС“, Микољка во „Злосторство и казна“, Срета во „Народен пратеник“ и Принцот Едвард во „Ричард Трети“. Настапуваше и во претставите „Ревизор“, „Буре барут“ и „Рави“.

Покрај на театарската сцена, Поп Христов имаше значајна кариера и на филм и телевизија. Учествуваше во повеќе македонски филмови, меѓу кои „Еј“, „Скопје Ремиксд“, „Панкот не е мртов“, „Самитот на шаманите“, „Бал-кан-кан“, „Збогум на дваесетиот век“, „Преку езерото“, „Нечиста крв“, „Македонска сага“ и „Тетовирање“.

Беше дел и од неколку телевизиски проекти и серии, како „Досие Скопје“, „Во светот на бајките – Трите светски камења“, „Македонски приказни – Христос и комарџијата“, „Трст виа Скопје“ и „Бумбари“.

Покрај актерската работа, Поп Христов се занимаваше и со музика и беше композитор на филмот „Судијата“ од 2002 година, чиј автор и режисер е Жанета Вангели.

Со својата долгогодишна работа на сцената на Македонскиот народен театар и со бројните улоги во театарот, филмот и телевизијата, Кирил Поп Христов остави значаен белег во македонската култура. Од МНТ изразија сочувство до неговото семејство, пријателите и колегите.