Македонија

„МојТермин“ дури 18 месеци функционирал без одржување: Клековски најавува двeгодишен договор

„МојТермин“ дури 18 месеци функционирал без одржување: Клековски најавува двeгодишен договор

Неразбирливо е зошто речиси 18 месеци немало договор за одржување на електронскиот систем „МојТермин“, изјави денеска министерот за здравство Сашо Клековски. За да се обезбеди неопходниот континуитет, тој побарал од службите подготовка на јавен повик за двогодишен договор за одржување, наместо досегашната практика на едногодишни договори.

Реакцијата на министерот следи по денеска објавениот извештај на Државниот завод за ревизија (ДЗР) за оптимизацијата и квалитетот на „МојТермин“. Ревизорите утврдиле дека во периодот од 1 јануари 2021 до 30 април 2024 година, системот дури 738 дена (речиси 38% од анализираниот период) функционирал без соодветен договор за одржување.

Клековски ги потврди наодите од извештајот и нагласи дека веќе е подготвен акциски план, како и нацрт-стратегија за дигитализација во здравството:

„Многу ја ценам работата на ДЗР и не можам да кажам дека во извештајот има грешка или неточност. ‘МојТермин’ е централен дел од нашата планирана дигитализација за зголемување на продуктивноста и задоволството на пациентите. Во извештајот е забележано и дека во Управата за електронско здравство се пополнети само 29% од предвидените работни места, што исто така е сериозен предизвик.“

Покрај прекините во одржувањето, ДЗР во извештајот регистрираше и зголемен ризик од ограничена конкуренција, каде 48% од вложувањата во други ИТ-системи кај јавните здравствени установи се концентрирани кај само три компании. Како посериозни слабости во извештајот се посочуваат и пропустите во ИТ-безбедноста и заштитата на личните податоци на пациентите.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Андреј Петров, платформа 12:05 29.09.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни