МВР на SAHA Expo 2026: Потврдена стратешката соработка со турската полиција

Делегација на Министерството за внатрешни работи, предводена од помошник министерот за односи со јавност Мухамед Исмаиљи, учествува на меѓународниот саем и конференција SAHA Expo 2026, што се одржува во Истанбул од 5 до 9 мај.

Во рамки на посетата, делегацијата оствари работна средба со заменик директорот на турската полиција, Мустафа Чалишкан. На средбата беше потврдена силната и континуирана соработка помеѓу Министерството за внатрешни работи и турската полиција, заснована на заемна доверба и партнерство.

Се вчитува...

Особен акцент беше ставен на заедничките напори во борбата против организираниот криминал, криумчарењето мигранти и справувањето со современите безбедносни предизвици. Соговорниците се согласија дека преку засилена оперативна координација, размена на информации и заеднички активности ќе продолжат да придонесуваат кон зајакнување на регионалната и глобалната безбедност.

На средбата беше разговарано и за тековните билатерални активности меѓу двете земји, при што беше потенциран напредокот во усогласувањето на Договорот за заемно признавање и размена на возачки дозволи, како и подготовките за склучување на Договор за безбедносна соработка. Дополнително, беше истакната важноста од унапредување на соработката во делот на обуката и едукацијата, преку предложениот Меморандум за разбирање меѓу турската Национална полициска академија и Центарот за обука на полиција.

Учеството на SAHA Expo 2026 претставува значајна можност за продлабочување на меѓународната соработка и размена на искуства во областа на безбедноста, одбранбената индустрија и современите технолошки решенија, со цел унапредување на капацитетите на Министерството за внатрешни работи.