Децата и младите се изложени на различни ризици во дигиталниот простор, поради што е неопходна поголема внимателност при комуникацијата и споделувањето содржини на интернет. Во таа насока, Министерството за внатрешни работи, во соработка со Европол и полициските служби од регионот, спроведува меѓународна кампања под мотото „Кажи не!“.
Кампањата е насочена кон заштита на децата и младите од сексуална злоупотреба преку интернет, како и подигнување на свеста кај родителите и пошироката јавност за опасностите со кои може да се соочат најмладите во онлајн-просторот.
Од МВР предупредуваат дека споделувањето фотографии и видеосодржини, комуникацијата со непознати лица и злоупотребата на стекнатата доверба можат да доведат до сериозни последици и да ги изложат децата на различни форми на злоупотреба.
Целта е децата, младите и нивните родители да научат навремено да ги препознаваат ризичните ситуации и да преземат соодветни мерки за спречување на сексуалната злоупотреба на интернет.
Од Министерството посочуваат дека безбедноста на децата е заедничка одговорност и повикуваат на поголема информираност, внимателност и пријавување на секоја сомнителна ситуација.
„Кажи НЕ на злоупотребата. Кажи НЕ на споделувањето интимни содржини. Заштити се себеси и другите“, е пораката на МВР.