Министерството за внатрешни работи информира дека се воведува нов начин на спроведување на прекршочната санкција „забрана за управување со моторно возило“, со што се поедноставува управната постапка поврзана со возачките дозволи.
Со законските измени, извршувањето на забраната повеќе нема да се врши со физичко впишување во возачката дозвола. На овој начин се укинува обврската граѓаните да вадат нова возачка дозвола со впишана забрана и да плаќаат дополнителни трошоци.
Наместо тоа, Министерството воспостави дигитален систем на известување преку СМС пораки и електронска пошта. Според новата процедура, граѓаните најпрво ќе добијат порака со која ќе бидат информирани за видот и времетраењето на изречената забрана, приближно седум дена по пополнувањето на изјавата со контакт податоци.
Осум дена по приемот на првата порака ќе следи и втора порака, од чиј прием официјално почнува да тече забраната за управување со моторно возило. Од МВР појаснуваат дека санкцијата не започнува од денот кога е пополнета изјавата во одделенијата за управни работи, туку исклучиво по приемот на втората СМС порака.
Од Министерството информираат дека досега, согласно новиот начин на извршување, реализирани се повеќе од 3.000 забрани за управување со моторно возило изречени со правосилни судски пресуди.
Воедно, од МВР ги повикуваат граѓаните за кои има донесено правосилни пресуди со ваков вид санкција, а кои добиле покана од Министерството, да се јават во надлежните организациони единици за управни работи со цел да ги достават и ажурираат своите контакт податоци – број на мобилен телефон и електронска адреса.
Од Министерството посочуваат дека санкцијата ќе биде спроведена и кај лицата кои се обидуваат да го избегнат нејзиното извршување, доколку институцијата веќе располага со нивните контакт податоци, а известувањето ќе се врши преку СМС порака и електронска пошта.
Покрај судските пресуди, автоматизирано се спроведуваат и забраните утврдени преку системот „Безбеден град“, за прекршоци за кои е предвидена ваква санкција и за кои граѓаните ја прифатиле одговорноста и ја платиле предвидената глоба.
Со воведувањето на новите измени, од МВР оценуваат дека постапката станува побрза и поефикасна, а административните процедури за граѓаните значително се намалуваат.
