Енергетската заедница (ЕЗ) е исклучително корисна институција која му даде сериозен импакт на регионот за прилагодување на енергетската регулатива кон европската, а значајно е што на списокот на ЕЗ се и нашите енергетски проекти за интерконекција со соседите, порача вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев на 16. Министерски совет на ЕЗ што денеска се одржа во Скопје.
Тој нагласи дека ставањето на списокот на ЕЗ на проектите за изградба на магистралниот далекувод Битола-Елбасан и на интерконекциското гасно поврзување со Грција претпоставува дека земјава полесно ќе дојде до финансиски средства за реализација на двете интерконективни енергетски врски со соседните земји.
-Овие два проекта се нов импакт во енергетското поврзување на земјава со соседите. Покрај тоа ЕЗ даде сериозен придонес во изработката нановиот Закон за енергетика кој придонесе за детерминација на енергетското живеење во земјава, а помага и во изработката на подзаконсите акти кои, пак, ќе ја отворат можноста за изградба на обновливи извори на енергија (ОИЕ). Воведувањето на премиум тарифите ќе овозможи изградба на нови фотоволтаични и ветерни електрани, рече Анѓушев и додаде дека се очекува во следните две до три години да се изградат ОИЕ од сите видови со вкупна инсталирана моќ од 350 мегавати.
Министерот за економија Крешник Бектеши кој претседаваше со Министерскиот совет истакна дека имало одлични дебати и дискусии за насоките кои треба да ги преземат членките на ЕЗ во иднина.-За тоа усвоивме водич на генералните политики за целите за 2019 година од аспект на енергетска ефикасност, обновливи извори на енергија и намалување на загаденоста, рече Бектеши.
Тој посочи дека земјава била многу назад кога го презела председавањето со ЕЗ во 2018 година и додаде дека за овој период навремено се завршени сите обврски што ги имала Македонија кон ЕЗ и се затворени сите спорови што се водеа против земјава. Денеска, нагласи, можам да кажам дека Македонија е водич на реформите што се однесуваат на обврските што ги имаме како членка на ЕЗ. -Ќе продолжиме да рботиме интензивно за да ги исполниме обврските што произлегуваат од усвоените заклучоци на Министерскиот совет и на тој начин да овозможиме подобро енергетско живеење за нашите граѓани и за регионот во целина, рече Бектеши.
Директорот на Директоратот на ЕЗ Јанез Копач порача дека досега немало земја претседавач со Министерскиот совет на ЕЗ која како Македонија го искористила претседавањето за реформи во сопствениот енергетски сектор на земјата.
-Пред претседавањето многу години стагниравте и се водеа спорови против Македонија и со нив ништо не се постигна. Сега ги надминавте сите проблеми. Македонија годинава потпиша договор за заеднички пазар со Бугарија и е прва земја што потпишала договор со земја членка на ЕУ. Верувам дека тоа ќе придонесе за намалување на цената на струјата. Се надевма дека по решавањето на проблемот со името со Грција ќе се изгради интерконективно гасно поврзување меѓу двете земји што ќе придонесе за поголема конкурентност, рече Копач. Нагласи дека Македонија плаќа највисока цена на гасот во регионот поради монополот во снабдување со гас и додаде дека новото поврзување со Грција ќе ја намали цената и на овој енергенс.
Копач посочи дека Македонија е на добар пат во транспонирање на енергетското законодавство и потенцира дека она што остана нетранспонирано е делот на енергетска ефикасност на кој се работи во моментов. Во одговор на прашање посочи дека во првата година од целосната либерализација на пазарот на електрична енергија не треба да се очекуваат позначајни промени на снабдувачот. Тоа, како што кажа по примерот на Слвоенија треба да се очекува после 1,5 години или по поедноставувањето на постапката и давањето можност снабдувач да се менува со едно кликање на веб-страница. За домаќинствата рече дека секое ќе го избере она што е поевтино за него по либерализацијата на пазарот.
Меган Ричардс од Европската комисија нагласи дека енергетската транзиција и владеењето на правото се многу важни за ефикасни енергетски политики во регионот.
-ЕЗ преку Енергетската повелба не држи сите во регионот заедно, а тоа е потребно за унапредување на регионалниот и внатрешниот енергетски пазар, за размена на искуства и за модернизација на пазарите, рече Ричардс и додаде дека е потребна заедничка работа за реализација на целите кои беа усвоени на Министерскиот состанок во Скопје.
Извор: Сител
