Македонија

На Табановце запленет златен накит вреден 1,3 милиони денари, поднесена кривична пријава

На Табановце запленет златен накит вреден 1,3 милиони денари, поднесена кривична пријава

Царинските службеници продолжуваат со засилените контроли на граничните премини, а најновата акција на Табановце резултираше со спречен обид за криумчарење златен накит вреден околу 1,3 милиони денари и поднесување кривична пријава против едно лице.

Случајот бил откриен при влез во државата, кога за детална контрола бил издвоен патнички автомобил во кој патувале сопружници, македонски државјани со живеалиште во Белгија. При прегледот, во чантата на сопатничката царинските службеници пронашле 26 парчиња златен накит со вкупна тежина од 348 грама.

По целосното документирање на случајот, Одделението за истраги при Секторот за контрола и истраги при Царинската управа поднело кривична пријава против жената поради основано сомнение за сторено кривично дело „криумчарење“, предвидено и казниво согласно Кривичниот законик.

Од Царинската управа информираат дека ова е уште еден во низата случаи откриени годинава. Според нивните податоци, од почетокот на годината се евидентирани 13 случаи на криумчарење злато, при што се запленети повеќе од 2,5 килограми златен накит и златни монети.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни