Над илјада неексплодирани убојни средства се досега пронајдени на локацијата Тумбе Кафе во Битола, информираа од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), најавувајќи дека акцијата за расчистување ќе продолжи и во наредниот период.
На денешната прес-конференција, директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов, соопшти дека на теренот се евидентирани вкупно 1.067 неексплодирани убојни средства, од кои околу половина се рачни бомби, додека останатите се минофрлачки гранати.
„Кај Тумбе Кафе, над куќите, досега се најдени 1.067 неексплодирани убојни средства. Половина се рачни бомби, а останатите се минофрлачки гранати од Првата светска војна, но очекуваме да најдеме уште толку“, изјави Ангелов.
Од ДЗС информираат дека расчистувањето на оваа локација ќе продолжи и во наредниот период, со цел целосно отстранување на опасните средства и зголемување на безбедноста на населението во околината.
