Македонија

Над 103 илјади лица работат на црно во Македонија, најголем дел се во земјоделството

Над 103 илјади лица работат на црно во Македонија, најголем дел се во земјоделството

Иако бројот на невработени во Македонија бележи намалување, неформалната вработеност продолжува да расте. Во третиот квартал од 2026 година во земјава биле евидентирани 103.177 лица кои работат во неформалниот сектор, што е зголемување од 2,1 проценти во споредба со претходното тримесечје.

Според најновите податоци на Државниот завод за статистика, најголем дел од овие лица се ангажирани во земјоделството, шумарството и рибарството. Во овие дејности работат 58.213 лица, односно 56,4 проценти од вкупниот број неформално вработени.

Значителен дел од неформалните работници се ангажирани и во градежништвото, каде што работат околу 16 проценти од нив.

Истовремено, статистиката покажува намалување на невработеноста. Бројот на невработени во третото тримесечје е помал за 0,5 проценти во однос на претходниот квартал, а за 2,4 проценти во споредба со истиот период минатата година.

Работната сила во Македонија во овој период броела 797.775 лица. Од нив, 708.182 биле вработени, додека 89.593 лица биле невработени. Стапката на невработеност изнесувала 11,2 проценти, а стапката на вработеност 46,5 проценти.

Податоците откриваат и разлики во учеството на мажите и жените на пазарот на трудот. Од вкупниот број вработени, 57,6 проценти се мажи, а 42,4 проценти се жени. Кај невработените, мажите учествуваат со 62,1 процент, додека жените со 37,9 проценти.

Иако намалувањето на невработеноста укажува на подобрување на состојбата на пазарот на трудот, растот на неформалната вработеност покажува дека значителен број граѓани сè уште работат надвор од формалните текови на економијата.

Ноќно студио

Најнова епизода

Што може да руча студент со 140 денари? | „Ноќно студио“ со Бленди Ходаи

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни