Владата додели 35 милион денари за вработување на младите во ИТ секторот.
Вкупно 1.253 невработени лица до 35 годишна возраст ќе се обучуваат за ИТ вештини, од страна на професионални обучувачи, со што ќе добијат официјален акредитиран сертификат. Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, во текот на презентирањето на оваа мерка, која е дел од оперативниот план за вработување, апелираше да се вклучат и аплицираат и жени.
Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Минчевски, рече дека нашата земја има потреба од обучени лица од ИТ секторот и тоа го докажува бројот на новите ИТ претпријатија.
Обуките ќе се реализираат на целата територија на земјата, зависно од пројавениот интерес кај невработените лица. На лицата кои ќе бидат вклучени во обуките ќе им бидат издадени ваучери за посетување на обука и за полагање на испит, рече Билјана Јовановска, од Агенцијата за вработување.
Обуката ќе трае 4 месеци. Притоа, кандидатите треба да се пријават за полагање на испитот во рок од 3 месеци од завршувањето на обуката. На лицата кои редовно ќе посетуваат обука ќе им биде издадено Уверение за посетувана обука, а на лицата кои успешно и ќе го положат испитот ќе им биде издаден официјален акредитиран сертификат. Целта на мерката е преку обуките да се задоволат потребите за унапредени ИТ вештини.