Македонија

Над 27,5 тони млеко уништени поради зголемено присуство на афлатоксин

Над 27,5 тони млеко уништени поради зголемено присуство на афлатоксин

Над 27,5 тони УХТ млеко од Косово биле спречени да влезат на македонскиот пазар откако при лабораториски испитувања било утврдено присуство на афлатоксин над максимално дозволените концентрации.

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) соопшти дека нејзините инспекциски служби минатата недела на граничниот премин Блаце спречиле увоз на две пратки УХТ млеко со вкупна тежина од 27.520 килограми.

Млекото било наменето за продажба во синџир маркети во земјава, но по утврдените резултати било прогласено за небезбедно. Количините минатата недела биле нештетно уништени на депонијата Дрисла, под надзор на официјален ветеринар.

Од АХВ информираат дека мострите за лабораториско тестирање биле земени во рамки на Мониторинг-програмата, која инспекциските служби ја спроведуваат на граничните премини при увоз на храна од животинско потекло.

Агенцијата потсетува дека на 17 јули годинава донела решение за воведување посебни безбедносни мерки при увоз на млеко, млечни производи, како и производи што содржат кондензирано млеко и млеко во прав.

Со мерките се засилени официјалните контроли при увозот на овие производи, преку задолжителни лабораториски испитувања и проверки на нивната усогласеност со барањата за квалитет.

Целта, според АХВ, е на домашниот пазар да се пласираат исклучиво безбедни и квалитетни производи, но и да се обезбедат фер услови за домашните производители и заштита на потрошувачите.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни