Грчкиот суд изрече шокантна казна за трговците со мигранти – петмина се осудени на вкупно повеќе од 380 години затвор.
Нивната тарифа достигна и до 12.000 евра за трансфер од Турција на грчки остров.
Кривичниот суд на Додеканеско осуди петмина трговци со илегални мигранти на вкупно 381 година затвор и парична казна од 386.000 евра.
Истрагата за случајот му докажа на судот дека петмината со брод од Турција до островот Кос превезувале 377 илегални мигранти.
Осудените се странци – тројца Либанци и двајца Сиријци. Цената била од 5.000 до 12.000 евра за секој патник, а им биле гарантирани и лажни документи за движење во европските земји.
Казната е отежната со мислењето на техничките експерти дека трговците со луѓе направиле промени во конструкцијата на пловилото, со што ги загрозиле животите на сите патници.
Грчкото законодавство е многу строго против трговијата со луѓе, предвидува доживотен затвор, нагласуваат адвокатите во коментарите.
Ниту една олеснителна околност не беше прифатена во текот на судењето на обвинетите и покрај обидите на одбраната.
Во врска со случајот, надлежните ги предупредуваат и возачите внатре во државата да не превезуваат непознати лица, кои можеби се илегални мигранти, со своите автомобили.