Свет

Над 50.000 луѓе починале од летните горештини во Европа во 2026 година, климатските промени причина за 65% од смртните случаи

Над 50.000 луѓе починале од летните горештини во Европа во 2026 година, климатските промени причина за 65% од смртните случаи

Летото 2026 година се вбројува меѓу најсмртоносните во Европа поради екстремно високите температури. Според проценките од ново научно истражување, повеќе од 50.000 луѓе починале како последица на горештините во урбаните средини, а научниците проценуваат дека околу 65 проценти од смртните случаи се поврзани со климатските промени предизвикани од човековите активности, објави „Еуроњуз“.

Проценетиот број жртви е значително поголем од претходните рекорди. Во текот на летото 2022 година биле регистрирани околу 29.000 смртни случаи поврзани со топлотните бранови, додека во 2003 година, кога Европа беше погодена од силни горештини, починале околу 28.000 луѓе.

Меѓу јуни и август 2026 година, просечните температури во Западна Европа биле за 2,9 Целзиусови степени повисоки од просекот за периодот од 1991 до 2020 година. Во одредени денови разликата достигнувала и до 12 степени.

Речиси една третина од проценетите смртни случаи се поврзуваат со особено интензивниот топлотен бран од 17 јуни до 1 јули, кога температурите во просек биле за 5,3 степени повисоки од вообичаените.

Истражувањето опфатило 854 урбани подрачја во Европската Унија, Обединетото Кралство, Норвешка и Швајцарија, во кои живеат околу 40 проценти од населението на овие 30 земји. За проценките биле користени температурни податоци и математички модели, со кои биле анализирани влијанијата на возраста, социоекономските услови, животната средина и пристапот до здравствени услуги.

Според резултатите, околу 32.000 смртни случаи, односно 65 проценти од проценетата смртност поврзана со горештините, може да им се припишат на климатските промени предизвикани од човековите активности. На почетокот на векот овој удел изнесувал околу 40 проценти.

Најголем број жртви биле проценети во Италија, каде што од последиците на високите температури починале 13.303 лица. Следуваат Франција со 7.268, Шпанија со 6.824, Германија со 6.340 и Обединетото Кралство со 4.354 починати.

Најранливи биле повозрасните лица и хронично болните, како и луѓето кои немале соодветни услови за заштита од високите температури. Речиси половина од проценетите жртви биле постари од 85 години. Сепак, последици имало и кај помладите, при што околу 6.000 од починатите биле помлади од 65 години, а приближно 800 биле на возраст од 20 до 44 години.

Научниците предупредуваат дека вистинскиот број жртви тешко се утврдува, бидејќи високите температури често не се наведуваат како директна причина за смрт. Поради тоа, екстремните горештини се опишуваат како „тивок убиец“, а конечните податоци за летото 2026 година сè уште не се објавени во голем број европски земји.

Истражувачката Клер Барнс од Империјал колеџ во Лондон предупредува дека сè потоплите лета претставуваат сериозна закана за јавното здравје и дека се потребни итни мерки за заштита на најранливите категории граѓани.

Како дел од решенијата се предлагаат проширување на зелените површини во градовите, создавање јавни климатизирани простории, приспособување на зградите на екстремните температури и подобрување на системите за рано предупредување. Научниците истовремено повикуваат на намалување на употребата на фосилни горива за да се ограничи понатамошното глобално затоплување.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио во Славјанка Петровска 22.10.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни