Анс Сурс д’Аржен на Сејшелите се смета за најфотографираната, но и една од најубавите и најнеобичните плажи во светот. Има бел песок, палми и тиркизно море, но важен адут се гранитните карпи кои го прават пејзажот да изгледа како да е од друга планета.
Анс Сурс д’Аржен е вистински визуелен рај: комбинација од бајковита природа, филмски сетови, егзотична флора и фауна.
Се наоѓа на југозапад од Ла Диг, третиот најнаселен остров на Сејшелите, во рамките на имотот Л’Унион, плантажа со кокос и фарма за ванила која сега служи како природен резерват (влезницата е нешто помалку од 10 евра).
Драматичните гранитни карпи, бисерно белиот песок и бистрите тиркизни води ја прават омилена дестинација за Инстаграмерите и патувачките фотографи низ целиот свет. Плажата често се смета за најфотографирана во светот, поради нејзините масивни карпи кои „потсетуваат на праисториските времиња“, според Википедија.
Анс Сурс д’Аржен често се користи и како позадина за филмови и рекламни кампањи.
Плажата го менува својот пејзаж во зависност од плимата и осеката, и ако вашата патека ве води таму, се препорачува да го направите тоа рано наутро или по 15 часот кога нема многу туристи.
