Бројот на граѓани и компании кои поднесуваат приговори за прекршоци регистрирани преку системот „Safe City“ бележи значително намалување, покажуваат најновите податоци од Основен кривичен суд Скопје.
Според информациите од Судот, во март 2026 година се поднесени вкупно 65 приговори, односно барања за поведување прекршочна постапка. Од нив, 22 се од правни лица, а 43 од физички лица.
Во споредба со февруари, кога биле поднесени дури 476 приговори (431 од правни и 45 од физички лица), се бележи драстичен пад на бројот на поднесени барања.
Од Судот информираат дека во текот на март веќе се решаваат дел од претходно поднесените предмети, при што со пресуда се завршени 92 случаи.
Како што појаснуваат, по овие предмети постапуваат 16 судии од одделот за прекршоци, а сите приговори се заведуваат навремено и во рок од осум дена се доставуваат до Министерство за внатрешни работи за произнесување, што е неопходен чекор за понатамошната постапка.
Од Судот нагласуваат дека намалувањето на бројот на приговори може да се поврзе со зголемената свесност кај учесниците во сообраќајот, но и со поефикасното функционирање на системот „Safe City“, кој овозможува појасна евиденција на сообраќајните прекршоци.