Руските напади продолжуваат на местата каде што беше планирана евакуација на цивили, изјавија гувернерите на регионот Киев и Доњецк, пренесува новинската агенција Ројтерс.
Според нив, биле направени планови за отворање на хуманитарни коридори и извлекување на луѓето од градовите под руски напад – вклучувајќи го и Мариупол, кој се наоѓа во регионот на Доњецк.
„Хуманитарниот товар се движи кон Мариупол, ќе ве информираме како се развива… Ситуацијата е комплицирана, има постојано гранатирање“, изјави гувернерот на Доњецк, Павло Кириленко, цитиран за локалните медиуми.
„Ситуацијата е исклучително тешка“, додава тој.
Претходно, вицепремиерката Ирина Верешчук изрази надеж дека денот може да помине добро и „Русија ќе ги исполни своите обврски за гарантирање на режимот за прекин на огнот“.
Претходните обиди да се извлечат луѓето од Мариупол, каде што луѓето живееја без храна, вода или струја, пропаднаа.
Има извештаи и дека автобуси за евакуација и два камиона со хуманитарна помош се движеле кон источниот град Суми.