Демографската слика на земјава покажува јасен тренд на стареење на населението. Најновите податоци на Еуростат за 2025 година откриваат дека средната возраст на населението во Македонија изнесува 42,21 година, што е нешто под просекот на Европската Унија, каде средната возраст достигнува 44,9 години.
Во изминатата деценија разликата е особено забележлива. Во 2015 година средната возраст во земјава изнесувала 37,4 години, што значи дека за десет години е зголемена за речиси пет години – показател за засилено стареење на популацијата.
Во регионални рамки, помладо население од Македонија има само Црна Гора со просек од 40,4 години. Повисока средна возраст бележат Албанија со 44,3 години и Србија со 45,4 години. Уште повозрасно население имаат Грција и Бугарија со по 47,2 години, додека во Хрватска и Словенија просекот изнесува 45,5 години.
Во рамки на Европската Унија, најмладо население има Ирска со средна возраст од 39,6 години, додека најстаро е населението на Италија, каде просекот достигнува 49,1 година.
На ниво на ЕУ, средната возраст од 2015 година до денес се зголемила за 2,1 година – од 42,8 на 44,9 години. Раст е регистриран во речиси сите земји членки, со исклучок на Германија и Малта, каде е забележано минимално намалување од 0,4 години.
Најизразено стареење во ЕУ има во Словачка и Кипар, каде средната возраст пораснала за 4 години. Следуваат Италија (+3,9 години), Грција и Полска (по +3,8 години), како и Португалија со раст од 3,7 години.
Податоците укажуваат дека стареењето на населението останува еден од клучните демографски предизвици и за Македонија и за Европа, со директни импликации врз пазарот на труд, пензискиот систем и социјалната политика.
