Македонија

Наставата на албански јазик, стар проблем во Велес, бојкот на наставата имало во 90-тите години

90-тите години биле тешки за учениците Албанци во регионот на Велес. Дискриминацијата на своја кожа ја почувствувал Агим Муртезани, кој сега е пратеник. Поради тоа што немало настава на албански јазик, учениците ја бојкотирале целата учебна година. Кон селото Јаболчиште тргнавме заедно со него.

„Во тоа време ја бојкотиравме наставата, бидејќи од петто до осмо одделение настава се одржуваше на македонски јазик. Сите ученици од таа генерација, кога отидовме во средно училиште, бевме една година зад нашите врсници“, вели Агим Муртезани – пратеник на СДСМ.

Со оглед на тоа што пратеникот од редовите на СДСМ доаѓа од тој крај, им вети на сите Албанци од Велес дека ќе го крене гласот за албанскиот јазик во Собранието на Македонија.

Новинар ТВ21: Вие сега сте пратеник во Собранието на Македонија и доаѓате од велешкиот регион. Што ќе направите вие за овие жители, бидејќи најдобро го знаете проблемот на овие ученици?

Агим Муртезани: Јас како пратеник од овој крај, секако дека ќе го кренам гласот до сите инстанции на ниво на локална, законодавна и извршна  власт, за што поскоро да се реши проблемот.

Заедно со пратеникот отидовме и до општина Чашка. Целта беше да дознаеме дали наскоро може да се очекува некакво решение. Градоначалникот Горан Стојановски, рече дека за децата од Стари Град дознал по прилогот на ТВ21 и дека не бил запознаен со проблемот.

И пратеникот Муртезани и градоначалникот на општина Чашка, ветија дека ќе вложат максимални напори за да изнајдат решение за децата Албанци од Велес, кои настава следат само на македонски јазик.

РЕПОРТЕР: АФРИМ ЈОНУЗИ

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни