Свет

НАТО: Путин не успеа да не раздели, следните денови веројатно ќе бидат полоши

Следните неколку денови веројатно ќе бидат полоши, со повеќе смртни случаи, страдања и уништувања, изјави генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг по вонредниот состанок на министрите за надворешни работи на алијансата во Брисел.

„Путин не успеа да не раздели. Лекцијата е дека е потребен стратегиски ангажман во НАТО“, додаде тој.

Столтенберг појасни дека е одлучено авиони и војници на НАТО да не влегуваат во Украина, бидејќи во спротивно жртвите би биле уште поголеми. Тој рече дека илјадници војници на Пактот биле испратени на источното крило, за првпат биле распоредени сили за брза реакција, 130 борци и повеќе од 200 поморски бродови се во подготвеност, а доколку е потребно може да се преземат дополнителни и значајни мерки.

„Го повикуваме Путин веднаш да ја прекине оваа војна, безусловно да ги повлече сите сили од Украина и веднаш да се врати на дипломатијата. Ова е војната на претседателот Путин – тој ја избра, ја испланираше и ја презеде против мирна земја. Ова е најлошата воена агресија во Европа во последните децении. „Русија води брутална и неиспровоцирана инвазија, која НАТО и целиот свет ја осудуваат“, рече тој.

Според него, сојузниците денеска разговарале за обезбедување дополнителна помош за Грузија и Босна и Херцеговина. Тој истакна дека Шведска и Финска веќе се дел од координацијата на акциите поврзани со војната во Украина.

„Со месеци предупредуваме дека претседателот Путин се подготвува за инвазија, па неуморно работевме за да дојдеме до дипломатско решение. Имаме одговорност да обезбедиме конфликтот да не ги премине границите на Украина, бидејќи ќе стане поопасен и поразителен. Се соочуваме со закана од долгогодишен конфликт“, додаде Столтенберг.

Тој објави дека руската војска напаѓа градови и уништува болници, училишта, станбени населби, презема неодговорни дејствија околу нуклеарните централи, а нивните дејствија резултирале со многу жртви и повредени.

„Путин целосно ја потцени способноста на украинските вооружени сили да одговорат“, рече тој.

На денешната видео врска учествуваше и украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба. Подоцна денеска, Столтенберг и министрите за надворешни работи на ЕУ, САД, Велика Британија, Канада и Украина ќе присуствуваат на новиот вонреден состанок свикан од високиот европски претставник за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни