Балкан

Грција изгласа забрана за социјални мрежи за деца помлади од 15 години

Грција изгласа забрана за социјални мрежи за деца помлади од 15 години

Грчкиот парламент изгласа забрана за користење на социјалните мрежи за деца под 15 години, која треба да стапи на сила на 1 јануари. Со ова Грција станува една од првите земји во Европската Унија што воведува ваква мера, пренесува јавниот сервис ERT News.

За време на расправата, министерот за дигитална трансформација и вештачка интелигенција, Димитрис Папастергиу, ја бранеше новата уредба како неопходна, ефикасна и пропорционална мера која е целосно усогласена со правото на ЕУ.

„Денес би било многу лесно да не преземеме апсолутно ништо и да го чекаме совршениот европски закон“, изјави Папастергиу, нагласувајќи дека неконтролираното користење на интернетот, кое може да доведе до зависност и да му наштети на менталното здравје на децата, не смее да продолжи.

ЕУ подготвува правила на ниво на целата Унија

Во иднина од платформата ќе се бара задолжителна проверка на возраста на корисниците. Покрај другите алатки, апликацијата за паметни телефони Kids Wallet, развиена од грчкото Министерство за дигитална трансформација, треба да им помогне на родителите во заштитата на нивните деца на интернет.

Во јули, Франција беше првата земја во ЕУ која донесе слична забрана за помлади од 15 години. Сепак, Уставниот совет го собори тој закон во август, оценувајќи дека прекумерно се задира во слободата на изразување и комуникација. Претседателот Емануел Макрон и понатаму поддржува ваква забрана и му даде инструкција на премиерот Себастиен Лекорну да изработи правно постабилна ревизија на законот.

Со цел да се обезбеди заштита на малолетниците на ниво на сите земји членки, Европската комисија во септември го претстави Актот за деца на ЕУ (EU Kids Act). Овој предлог предвидува целосна забрана за социјални мрежи за деца под 13 години, додека самостојни профили би биле дозволени дури од 15-годишна возраст. За овој предлог-закон моментно се расправа во Европскиот парламент и меѓу државите членки.

Ноќно студио

Најнова епизода

Петровска: Побаравме оставка од Филипче, нема разлика во цената за „Леонардо“ | Ноќно студио

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни