Александар Наунов, татко на загинато дете во трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ изрази разочарување од односот на обвинетите, нагласувајќи дека родителите очекувале барем дел од нив да ја признаат својата вина.
Според Наунов, одговорност за трагедијата треба да се бара кај повеќе институции, меѓу кои Министерството за економија, Државниот пазарен инспекторат, општинските служби, полицијата и обезбедувањето.
Тој посочи дека родителите очекувале Дејан Јованов и неговиот син да преземат одговорност за случувањата во дискотеката.
„Очекувавме барем првообвинетите да ја признаат вината. Ако го направеа тоа, ние ќе ги гледавме со други очи. Барем да речеа дека трагедијата се случила во нивниот локал и дека се чувствуваат виновни“, истакна Наунов.
Тој изрази сомневање дека одбраната влијае врз начинот на кој обвинетите се изјаснуваат, посочувајќи дека наместо признавање на одговорноста, се водат расправи околу конкретните обвиненија.
„За жал, никој не ја признава вината“, порача Наунов во „Ноќно студио“ на 4ТВ.