Попладнево до медиумите пристигна меил во кој се вели дека на вонредно собрание на Сојузот на стопански комори на Македонија (ССКМ), наводно одржано денеска на панорамската тераса поради заклучени простории, била донесена одлука со која досегашниот претседател Трајан Ангелоски останува без сите овластувања за претставување на Сојузот во земјата и странство.
Сепак вечерва со повторен меил се огласија од Сојузот на стопански комори, од каде остро ја осудуваат злоупотребата на службената положба и фалсификувањето на службена документација од страна на извршниот директор Сузана Јаневска, која на 07.07.2025 година е суспендирана од функцијата и нема никакви овластувања да ја претставува институцијата.
Како што велат, на 09.07.2025 година, Сузана Јаневска, користејќи приватна Yahoo адреса (suzana.janevska77@yahoo.com), испратила лажно соопштение до медиумите во кое тврди дека е одржано вонредно Собрание на ССКМ.
„Истакнуваме дека:
• Тоа не е официјална комуникација на ССКМ и е правно ништовна.
• Собрание на 09.07.2025 не било закажано, ниту одржано по деловнички или статутарни процедури.
• Фалсификуваната покана и обидот за лажно собрание се резултат на грубо прекршување на член 4.2.8 од Договорот за основање на ССКМ.
• Постапката претставува класичен пример на институционална измама и дејствување без мандат.
Заедно со Јаневска, во координирана активност биле вклучени и четири правни субјекти поврзани преку семејни и деловни врски кои се исклучени од членство со Одлука бр. 0302-1-11/25 од 01.07.2025 година, поради сериозно нарушување на угледот и функционалноста на институцијата.
Согласно член 4.5.4 од Договорот за основање, Претседателот на ССКМ, г. Трајан Ангелоски, донесе формална Наредба за итна суспензија на Сузана Јаневска, со која ѝ се забранува пристап до службените простории, контакт со членството и користење на било какви ресурси во име на ССКМ. Исто така, таа е задолжена веднаш да ги врати сите доверени средства во сопственост на Сојузот.
Во интерес на правната сигурност, заштита на членките и зачувување на интегритетот на институцијата, целокупниот случај е пријавен во Министерството за внатрешни работи. Очекуваме соодветни институционални реакции за сите инволвирани во обидот за институционален удар и фалсификат.
Апелираме до сите медиуми и јавноста да не прифаќаат никаква комуникација или соопштенија испратени од приватни адреси кои не се дел од официјалната структура на ССКМ. Сите валидни информации ќе бидат доставени исклучиво преку официјалниот е-маил info@chamber.mk и преку легитимните канали на Сојузот.
Ниту поединци, ниту групи нема да бидат дозволени да го узурпираат легитимитетот на институцијата изградена врз доверба, транспарентност и работа во интерес на бизнис заедницата“, вели претседателот Ангелоски.