Вонредно собрание на ССКМ: Трајан Ангелоски останува без овластувања, закажани избори за нов претседател

На вонредно собрание на Сојузот на стопански комори на Македонија (ССКМ), одржано денеска на панорамската тераса поради заклучени простории, беше донесена одлука со која досегашниот претседател Трајан Ангелоски останува без сите овластувања за претставување на Сојузот во земјата и странство. Одлуката доаѓа по констатирани груби прекршувања на Статутот, злоупотреба на лични податоци и социјални медиуми, како и штетни индивидуални одлуки за угледот и репутацијата на ССКМ.

Собранието, свикано на барање на десет членки од Управниот одбор, се одржа во присуство на голем број членки од седум комори и една групација, при што легитимноста и бројноста беа потврдени од Верификационата комисија. Присутни беа и извршниот директор на ССКМ, овластен адвокат како претседавач, и нотар за верификација на валидноста на одлуките.

Со оваа одлука, Ангелоски е разрешен од учество во сите тела назначени од ССКМ, се до одржување на новото собрание, закажано за 30 јули 2025 година, кога ќе се избере нов легитимен претседател и управен одбор.

ССКМ информира дека, поради грубиот упад во серверскиот систем и неможноста за користење на службените емаил адреси, сите известувања испратени од официјалните мејлови на Сојузот ќе се сметаат за неважечки. До изборот на ново раководство, комуникацијата со медиумите и членството ќе ја води исклучиво извршниот директор на ССКМ преку приватна електронска адреса.

Со Соопштение до медиумите, ССКМ ги повикува сите членки да земат учество на следното собрание, со цел избор на ново раководство кое ќе ги застапува интересите на македонскиот бизнис сектор.