Секундарниот надзорен радар на аеродромот „Скопје“ е привремено надвор од функција, се вели во објавено NOTAM известување до кое дојде 4NEWS.mk
Според информациите, MSSR радарот, кој овозможува идентификација на авионите, нивната висина и код, нема да биде во употреба од 28 ноември до 29 декември.
Ограничувањето се однесува на инструменталниот воздушен сообраќај и на ен-рут воздушниот простор под надлежност на контролата на летање во Скопје.

Ова не треба да ја наруши безбедноста на летовите бидејќи контролата на летање продолжува да функционира со алтернативни технички и оперативни процедури, како и останати радари кои се во функција.
Аеродромот останува отворен за сообраќај.
Исто така издаден е и уште еден NOTAM за контролната кула на аеродромот во Стенковец. Во него пишува дека услугите на контролната кула – ATC TWR, нема да се извршуваат денеска, од 8 часот и 15 минути до 10 часот и 30 минути.
