Вечерва нешто пред полноќ, Скопје беше прв на листата на најзагадени градови во Светот. Алармантна беше ситуацијата во главниот град, а најголемо загадување е регистрирано кај ректоратот.
Вечерва големо загадување е регистрирано и во Струмица и во Куманово.

Се огласија и од Град Скопје каде што испратија препораки за заштита од загадувањето на воздухот.
„По добиеното соопштение од Министерството за животна средина и просторно планирање за надминување на ПРАГОТ ЗА ИНФОРМИРАЊЕ каде вредноста на ПМ10 честичките во воздухот над 100 µg/m3 во текот на два последователни дена на минимум две мерни станици во Скопје, градоначалникот на Град Скопје ги објавува следниве препораки до граѓаните:
• да се избегнува користењето на возила, колку што е можно, а ако се користат возила, повеќе лица да се организираат да се возат во едно возило;
• да се користи јавниот превоз;
• рано наутро и доцна навечер да се избегнува долготрајна изложеност на отворено;
• за затоплување на домовите да не се користат отпадни материјали, прегорено машинско масло, лакирани и обоени отпадоци од дрво, стиропор, ПЕТ амбалажа, гуми и каков било синтетички материјал;
• да се користи суво и чисто дрво без примеси од земја и од отпадоци;
• печките на дрво да се користат и одржуваат според упатствата на производителот;
• редовно да се чистат оџаците;
• да се одложат сите активности на отворено;
• да се почитува забраната за дотур на роба во централното градско подрачје во периодот согласно со издадените одобренија од Градот Скопје.“, се вели во соопштението на Град Скопје.