„Не се разговарало за воена состојба“, УБК е жариштето на кризите во Македонија, рече Иванов

Претседателот Ѓорге Иванов негира дека неговиот Кабинет е вмешан во насилните настани од 27 април минатата година во Собрание. Тој го демантира Александар Василевски-Нинџа дека вечерта на „крвавиот четврток“ е планирано прогласување на воена состојба, но по меѓународниот притисок се откажале од таквата идеја.

Претседателот Иванов исто така се пожали дека веќе некое време се прават разни конструкции за по секоја цена неговиот кабинет да се спомене дека е поврзан со настаните од 27 април. Тој воедно потенцира дека УБК е жариштето и виновникот за кризите во Македонија.

Иванов исто така додаде дека и обвинителката Вилма Рускоска, АРМ и УБК негирале било каква вмешаност на претседателскиот кабинет во настаните од 27 април. Но, потврди дека генерален секретар на неговит кабинет Борис Јосифовски бил во салата на осмиот кат во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ од каде, како што тврдат дел од обвинетите во своите сведочења за крвавиот четврток,  се давале наредбите за организираниот упад во Парламентот. Иванов вели дека сите информации со кои располагале за настаните од 27 април ги доставиле до Обвинителството. Веднаш по неговото обраќање, со реакција се јави СДСМ. Од таму велат дека надлежните судски органи ќе одредат дали и кој бил инволвиран за насилствата, а не тој. Воедно СДСМ вели дека Иванов и денеска покажал колку е несериозен. Од една страна тврди дека исказите во судската постапка за насилството од 27 април се невистинити, а од друга ги потврдува дека член од неговиот кабинет, Борис Јосифовски, бил во партиското седиште на ВМРО-ДПМНЕ тој ден. Иванов потврди и дека Миле Јанакиевски и Владимир Пешевски биле кај него со иницијатива поврзана со помирувањето, се вели во реакцијата на СДСМ.

РЕПОРТЕР: БЕСИР АРИФИ

Извор: ТВ21